Американскиот производител на електрични автомобили Tesla стана дел од берзанскиот индекс S&P 500. Веста предизвика повторно зголемување на вредноста на акциите, кои и досега беа на мошне високо ниво.
Ново историско поглавје за северноамериканскиот производител на електрични автомобили Tesla, откако компанијата стана дел од берзанскиот индекс S&P 500. Операторот на берзанските индекси S&P Dow Jones Indices го објави приемот на Tesla. Со вредносните хартии на електро-пионерот, како член на S&P 500, ќе може да се тргува кусо пред Божик. Како резултат од пазарните движења, акциите на Tesla веднаш забележија раст за повеќе од десет проценти.
Компанијата на техно-милијардерот Илон Маск подолго време важеше како кандидат за престижниот барометар на акциите на американската берза, особено откако Tesla годинава постигна драстичен напредок.
Со берзанска вредност од близу 387 милијарди долари, Tesla е највисоко вреднувана автомобилска компанија за тргување во светски рамки. За споредба, гигантите General Motors, Ford и Fiat Chrysler вредат 125 милијарди долари за евентуалниот купувач – сите заедно.
Петтиот квартал со добивка беше решавачки
Бројни акционери уште пред три месеци го очекуваа скокот на индексот на акциите што ужива долга трациција. Тоа се случи откако Tesla постигна важен предуслов за прием во берзанскиот индекс, по четирите квартали со добивка. Концернот на Маск во октомври повторно пријави одлични резултати, на големо изненадување. Петтиот последувателен квартал со црни бројки во финансиските биланси го обезбеди конечниот прием на Tesla во S&P 500.
















