Ford Transit почна да вози на струја

Ford E-Transit

Електромотор со моќност од 269 КС и вртежен момент од 430 Nm, батерија со реален досег до 350 километри. Тоа се клучните вредности што ги откриваат способностите на Ford E-Transit, на електричната верзија на едно од најпознатите и најважни лесни товарни возила во историјата. Има и други многу важни бројки.

Кога и Ford Transit се префрли да вози на струја, сега сите ќе го сторат тоа. Секако дека електричната верзија на најпознатото лесно товарно возило, заедно со Volkswagen Transporter & Co. нема да поттикне толкава масовност, меѓутоа овој чин е многу важен за целата сцена.

Станува збор за електрична верзија на најпродаваниот транспортер со носивост до 2 тони во Европа. Електромоторот испорачува погон на задните тркала и поради тоа е конструирана комплетно нова задна оска, вклучувајќи Heavy-Duty независно водење на тркалата. Батеријата со водено ладење е во подот и располага со капацитет од 67 kWh. Според реалните норми, тоа е доволно за досег до 350 километри.

https://photos.app.goo.gl/36k7FBy4o8qksrJD8

Заедно со електричниот погон следат и низа софтверски решенија, кои овозможуваат поефикасно користење на возилото и воедно го олеснуваат секојдневието со електричниот погон. Додека стартува продажбата сепак ќе треба да се почека уште извесно време. Рокот е напролет во 2022 година.

Причината зошто Ford сега го претставува моделот е навреме да се „регрутираат“ големите компании, кои во своето работење користат големи возни паркови и имаат исклучителен интерес да се префрлат на електричниот погон, со сите предности во ниските оперативни трошоци, вклучувајќи и драстично поевтино одржување. Ford го произведува Transit веќе 55 години.

Електрификацијата на Transit веќе е стартувана со Transit Custom Plug-in-Hybrid и со Transit EcoBlue Hybrid

Новиот E-Transit ќе им стои на располагање и на бројните каросериски работилници, кои вршат соодветни надградби на платформата на Transit. Моделот ќе биде достапен глобално.

Со сопствениот полнач со капацитет од 11,3 kW, батеријата се полни за 8,2 часови, при користење обичен ѕиден приклучок за струја. Полнењето е најбрзо при користење полнач со еднонасочна струја со капацитет до 115 kW, при што батеријата за само 34 минути се полни од 15 до 80 проценти.

https://photos.app.goo.gl/oQafRWTJnCPtX3vp9

Меѓу бројните опции, посебна е можноста да се нарача генератор, кој ја користи енергијата во батеријата и испорачува моќност до 2,3 kW – овој систем може да се користи, на пример, за ладење на товарот, но и за напојување на работните алати, доколку се работи вон подрачје со струјна покриеност.

Заштедата во оперативните трошоци во споредба со дизел верзијата, според Ford изнесува до 40 проценти, вклучувајќи го и сервисирањето

Гаранцијата за батеријата и високонапонските компоненти на E-Transit е осум години или 160.000 километри.

Зафатнината на товарниот простор на Ford E-Transit достигнува 15,1 метри кубни, што е исто со максималната вредност на фургон Ford Transit со заден погон. Во Европа ќе има избор од 25 конфигурации, со три меѓускини растојанија и две висини на покрив – како фургон, фургон со двојна кабина за шест патници или како шасија.

https://photos.app.goo.gl/6GGWNY6kGmDanZHw9

Носивоста на верзијата со „гола шасија“ достигнува 1.967 килограми. Максималната дозволена тежина изнесува 4,25 тони.

Во стандардната опрема спаѓа модем FordPass Connect, за поврзување на возилото со централата, што понатаму на менаџерите на возниот парк им овозможува ефикасно управување со истиот. E-Transit ќе биде воедно и првото доставно возило на Ford за Европа, во коешто ќе се нуди четвртата генерација на инфо-забавниот систем со говорни команди Ford SYNC – тоа е истиот систем што во Европа прв ќе го воведе Mustang Mach-E.

Примероците од E-Transit за Европа ќе доаѓаат од историската фабрика на Ford Otosan во Кочаели, Турција, додека возилата за Северна Америка ќе се произведуваат во Канзас Сити, во сојузната американска држава Мисури.

>>> Ford Transit вози на масло од фритеза

Претходна објаваВо Франкфурт само со 40 km/h поради загаденоста на воздухот
Следна објаваVolkswagen Touareg се паркира преку смартфон

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here