BMW традиционално наесен ја освежува целата своја понуда од модели. Новини има во сите моделски серии, од компактот „The 1“ до аристократската серија 8. Бројни фанови на марката најмногу ќе се израдуваат на едно: Нов основен модел е BMW 116i.
Моќноста на моторите е важна кај BMW, но и не е толку важна. Возачите што го препознаваат премиумот во премиум марката, знаат дека целата филозофија на автомобилите од минхенската марка е во инженерингот. Од тој аспект, серијата 1 е исто толку BMW колку што се топ-сериите. Тоа е чувството на возење BMW.
Значи, шармот на основниот модел на премиум марка. Пазарот секогаш барал уште еден модел плус, со незначително пониска силина, а може и со одземање на некоја ставка од опремата. Таков пример беше уште 315 од првата серија 3 од 1970-те години (Е21), со карбураторски 75 КС, а пред него и BMW 1502 од 1975 година. Секоја од овие „основни“ моделски изведби има посебна приказна, но сега нé интересира 116i од актуелната F40-генерација.
Од ноември, во салоните на BMW пристига 116i, со трицилиндарски турбо од 1,5-литар, кој место 136 КС во 118i, тука располага со 109 КС и со вртежен момент од 190 Nm. Компактот во оваа изведба доаѓа со мануелен менувач со 6 степени и забрзува до темпо сто за 10,6 секунди. Со доплата се вградува и 7-степен менувач со двојна спојка.
https://photos.app.goo.gl/jNTTfwXpzdgZ9ryb7
Според германскиот ценовник, новиот модел BMW 116i чини 25.734 евра, односно 1.852 евра е подостапен од досегашниот основен модел 118i. Во поглед на стандардната опременост нема разлики, со исклучок на алу-тркалата. Новиот стартен модел излегува фабрички со челични тркала и раткапни.
Сите моделски варијанти, Advantage, Sport и Luxury Line, но и M Sport, исто така се достапни за „шеснаесетката“. При изборот на дополнителна опрема, нема разлики, се што е достапно за моделите со посилни мотори, може да се нарача и за новиот модел.
Има уште една новина, „над“ 118i. Дволитарец со 178 КС работи во новиот BMW 120i и испорачува 280 њутнметри. Тука стандардно се вградува 7-степен Steptronic. Спринтот до темпо сто трае 7,0 секунди. Германската цена е 34.312 евра, со таа разлика што моделот е достапен почнувајќи од нивото Advantage.
Нов основен дизел и за купе-лимузината од серијата 2
Купе-лимузината од серијата 2 исто доби принова. Дизел со три цилиндри и 116 КС се вградува во BMW 216d Gran Coupé. Фабриката тука декларира потрошувачка меѓу 3,8 и 4,1 литри. Менувачот е 7-степен Steptronic, спринтот до сто трае 10,3 секунди. Цената во Германија: 29.341 евра, наспроти 118d со 150 КС, кој таму стартува од 31.778 евра.
Меѓу опциите, кај двата модели може да се избере ставката BMW Individual Lights Shadow Line. Станува збор за проширен „шедоу“ пакет, со црна маска во горниот раб на предните светла, со што става посебен стилски нагласок.
>>> Тест: BMW 218i Gran Coupe

















