Производството на Volkswagen Amagon заврши пролетоска. Тоа се однесува само на фабриката за товарни возила на Volkswagen во Хановер. Пикапот продолжи да се произведува во Аргентина.
Волфсбург одамна реши идната генерација на Volkswagen Amarok да не се развива и произведува самостојно, туку во соработка со Ford. Американскиот производител сепак има подолга традиција во овој сегмент и неговиот F-150 подолго од четири децении е најпродавано возило воопшто во САД.
Двата производители веќе имаат искуство во заедничка работа со друг производител. Volkswagen во фабриката во Хановер го произведуваше VW Taro, под лиценца на Toyota. Пикапот од средна категорија, без преголеми теренски амбиции, се произведуваше од крајот на 1980-те години до 1995 година, како технички двојник на Toyota Hilux. До 1997 година, мала серија се произведуваше во Емден, затоа што таму имаше слободни капацитети.
Ford исто така во минатото има соработувано за своите пикапи од средната класа. Ford Ranger, како помал брат на американскиот F-150, веќе со години се нуди како Mazda BT-50. Главната фабрика од којашто излегуваат Ford Ranger и сестринскиот модел Mazda BT-50 е Тајланд. Помала продукција пристига и од Колумбија.
>>> Volkswagen Caddy: Од пикап до транспортер за секоја пригода

Огранокот за товарни возила на Volkswagen имаше потешкотии со Amarok, поради тоа што неговото производство беше прескапо во споредба со конкурентските модели. Во овој сегмент, цената сепак е пресуден фактор. Покрај тоа, Volkswagen реши да не се впушта со Amarok на пазарот во САД, кој е најважен пазар во светот за оваа категорија возила. Тоа ќе се смени кон крајот на 2022 година.
Volkswagen сака да профитира од експертизата на Ford како најголем производител на пикапи во светот и на тој начин значително да ги смали трошоците. Идниот VW Amarok практично ќе биде замена за Tanoak, кој требаше да биде пикап-изведба од успешниот СУВ-модел VW Atlas. Шефовите не го одобрија влегувањето на Tanoak во сериско производство, затоа што ценеа дека станува збор повеќе за стилски СУВ со отворена товарна платформа, отколку за цврст пикап со рустикален шарм и со носечка рамка како основа.

Пикапите со висока носивост, од рангот на Ford F-150, Chevrolet Silverado и Dodge Ram, со децении владејат со пазарот во САД. Во последно време почна да расте класата на пикапите од средна класа, односно на моделите како Chevrolet Colorado, GMC Canyon и Toyota Tacoma. Средна класа, според американски стандарди, значи должина над 5,2 метри (17 стапки) и бензински и дизел мотори со моќност меѓу 200 и 350 КС. За Volkswagen, кој решително се преориентираше на електричен погон, тоа може да биде еден од последните модели со знак на Volkswagen што ќе користат дизел мотор.
















