Најголемата фабрика во светот мируваше еден и пол месец. Од денес повторно се произведува во матичната фабрика на Volkswagen, во Волфсбург. Нормално, таму се произведува Golf.
Со голема претпазливост и одговорност, Volkswagen од денес продолжува со производство во својата главна фабрика, во Волфсбург. Еден и пол месец траеше мирувањето поради корона-кризата. Фабриките во Цвикау, Братислава и целата производствена мрежа на концернот во Кина уште претходно се вратија во погон. Денес ќе следат уште фабриките во Емден и Хановер.
Преземени се бројни мерки за максимална заштита на здравјето на вработените. Во почетокот се работи со ограничен капацитет. Погоните во Цвикау работат со 15% од можностите, до крајот на неделава треба да се достигнат 40 проценти. На работа се вратија околу 8.000 лица, од вкупно 70.000 што се ангажирани во редовни услови. Работат и погоните на 2.600 добавувачи.
На Golf му припадна честа да го одбележи враќањето на производството во Волфсбург
Во халата со број 54 почна производството на Golf, на монтажните линии 1 и 3. Во среда ќе се придружат и Tiguan и Touran. Заради заштита од вирусот, лентите се пуштени само со половина од брзината и оставено е повеќе растојание меѓу работниците. Заедничката пауза во 10 часот повеќе не важи. На пауза се оди само во групи. Пред да се упатат кон работното место, на сите вработени им се мери темпертурата.
На местата кадешто не може да се одржува растојание од 1,5 метар, задолжително е носење заштитна маска за лице. На подот се обележани патеките на движење. На одредени места се поставени и физички пречки, за да се спречи евентуално пренесување на вирусната инфекција.
Шефот на целиот концерн, Херберт Дис има и корисна препорака: Доколку очилата се замаглуваат пребрзо, поради ставената заштитна маска, помага ако очилата претходно се исчистат со забна паста, за целата мрснотија од нив да се отстрани.

















