Suzuki Jimny се покажа како голем хит на пазарот на теренски возила, со комбинацијата од ретро изглед и компактни димензии, но и со имиџ на автомобил што е способен да се пробива по предизвикувачки терен. Малечкиот 4х4 има уште многу да постигне: На големиот пазар во Индија ќе се продава продолжена изведба на Jimny со пет врати.
Пред две години, Suzuki по две децении го замени моделот од претходната генерација на Jimny со нов модел, задржувајќи ја неговата едноставност во изгледот и во техниката. Тоа се покажа како магнет, се бараше буквално примерок повеќе. Нови возила на огласи ширум Европа се нудеа по цена што беше најмалку за половина над продажната цена.
Македонскиот пазар не остана исклучок, тука се продадоа неколку дузини од Jimny, во истиот ценовен сегмент со СУВ-изведбите на градските автомобили од рангот на Polo & Co. Увозникот добиваше повици од заинтересирани купувачи дури и од земји надвор од Европа, кои беа во потрага по малечкиот 4х4.
Во септември пристига Suzuki Jimny во товарна изведба, но вистинскиот новитет е верзијата со пет врати, којашто се развива за големиот индиски пазар
Jimny моментно не е достапен во патничка изведба на европскиот пазар, поради тоа што има повисока емисија на СО2 од останатите модели на Suzuki и „вештачки“ го крева билансот на целата марка пред нормите на ЕУ. Во септември ќе се понуди товарна изведба, без задна клупа и со налепница за брзинско ограничување назад, како што бараат законите. Секако дека не е исклучено Suzuki Jimny да добие мотор од некој од останатите модели на марката.
Suzuki во секој случај не мора да се грижи околу пазарот за Jimny, затоа што на моделот штотуку му претстои старт на продажбата на големиот индиски пазар. Се очекува тој да биде „втората Кина“, во поглед на масивноста и растот. Јапонците локално ќе го произведуваат Jimny во две каросериски изведби.

Maruti Suzuki, индискиот огранок на компанијата, ќе започне со производство на постоечката верзија на Jimny со три врати, којашто во најголемиот дел ќе биде наменета за извозните пазари. Но, големиот новитет е втората каросериска изведба, наменета за Индија: Верзија со пет врати, со продолжено меѓуоскино растојание.
Верзија со благ хибриден погон, по пример на Swift, Vitara и Ignis, може да го врати Jimny во салоните во Европа
Според индиските медиуми, изведбата на Suzuki Jimny со пет врати ќе се испорачува и за извозните пазари. Моментно не постојат информации, дали оваа верзија ќе биде достапна и за европскиот пазар – можеби како благ хибрид, со што емисијата на СО2 ќе се доведе на исто рамниште со Swift, Vitara, S-Cross и Ignis.
На најголемиот автомобилски пазар во Европа, германскиот пазар, лани се продале 6.213 примероци, што значи дека секој седми продаден автомобил на марката бил Suzuki Jimny. За споредба, тоа е за 50% повеќе од вкупната ланска продажба на целата марка Alfa Romeo на германскиот пазар. Suzuki, патем, на македонскиот пазар постигнува петпати повисок удел во вкупната продажба, отколку на германскиот пазар.
















