Sportage останува најпродаван модел на Kia и во февруари. Во минатиот месец, марката испорачала 187.844 возила ширум светот. Има мал пад во вкупната продажба од пет проценти, причинителот е познат, корона.
Корпорацијата Kia Motors во февруари продала 187.844 патнички автомобили, возила за рекреација и доставни возила. Во светски рамки, СУВ-моделот Sportage продолжува да ја предводи продажбата, со 25.555 примероци. Втор е Seltos, модел наменет за азискиот пазар и САД, сличен на европскиот Stonic, со 25.129 продадени примероци. Rio е трет најпродаван модел на марката, со 19.428 примероци во февруари.
Продажбата на домашниот пазар на марката, Кореја, во вториот месец од годинава се намалила за 13,7 проценти во споредба со февруари лани, на 28.681 возила. Во светски рамки, продажбата е намалена за 3,2 проценти, од 164.434 возила во февруари лани, на 159.163 возила годинава. Овој тренд на продажба на корејскиот и на извозните пазари се должат на несигурноста на купувачите, поради избувнувањето на вирусот корона во Кореја и во Кина.
Kia неодамна лансираше неколку генерации нови модели на светскиот пазар, меѓу кои луксузната лимузина K7, Seltos и големиот СУВ-модел Mohave. Нивната продажба се одвива одлично, купувачите ги привлекува свежиот изглед, новите технологии, високата безбедност и перформансите.
















