Aiways ќе продава возила во продавници за бела техника

AIWAYS_U5_polnac
AIWAYS_U5_polnac

Електричниот СУВ на Aiways почнува со продажба на европскиот пазар во август. Моделот U5 стартува од околу 40.000 евра, со електромотор од 140 kW и батерија од 63 kWh, за досег до 400 километри. Компанијата има важни новини во продажбата и сервисирањето на своите електрични модели.

Производителот на електрични автомобили и понудувач на услуги за мобилност Aiways го подготвува стартот на продажбата на електричниот СУВ во Европа. Пред настапот на салонот во Женева, оваа кинеска компанија со седиште во Шангај објави детали околу начинот на продажба и сервисирање на својот модел U5.

Продажбата ќе се разликува од традиционалниот настап со дилерска мрежа и претставништва. Главната процедура при советувањето околу изборот на возилото и набавката ќе се одвива онлајн. Информациите уште се воопштени и се очекува повеќе детали да бидат познати по дебито на европската верзија на U5 во Женева. Во основа, се предвидуваат неколку типови на поседување на возилото, од претплата во којашто е вклучено сé, од регистрација до сервисирање и замена на гуми, до класична набавка. Главната идеја, сепак, предвидува модел на лизинг.

Преку посебниот вебсајт на марката за конкретната земја, потенцијалните купувачи ќе можат да ги разгледаат моделите што се нудат, да резервираат пробно возење, да го конфигурираат својот иден автомобил и да изберат период на користење што одговара на нивните потреби.

Место со класични салони, Aiways ќе го реализира своето пазарно присуство преку избрани трговски синџири

За клиентите да ги тестираат возилата, Aiways ќе организира „салони“. Прв партнер е водечкиот синџир продавници за електроника Euronics во Германија. Во околу триесетина продавници на германската компанија ширум земјата ќе бидат изложени возила и ќе се ангажираат експерти, кои ќе одговараат на прашањата и ќе обезбедат врвна услуга за клиентите.

За програмите на лизинг што ќе бидат достапни во почетокот, може да се избира меѓу ново или користено возило. Според истиот принцип како продажбата ќе се одвива и сервисирањето. Aiways ќе избере соодветен партнер за сервисирање и одржување на возилата во секоја земја посебно. Сервисирањето е мал предизвик да се организира, имајќи предвид дека редовното одржување на возилата на Aiways е предвидено на секои 100.000 километри.

Во Германија, Aiways стапува во партнерство со ATU, водечки синџир од независни сервисни работилници, кој нуди цела низа услуги за своите корисници. Деталите околу сервисирањето ќе бидат објавени откако ќе стартува испораката на моделот U5 за европските возачки и возачи.

Освен во Германија, Aiways U5 во почетокот ќе се нуди и во Данска, Франција, Холандија, Норвешка и Швајцарија, а потоа и на останатите европски пазари. Место првично планираниот старт за јули, поради вирусот корона и организациските потешкотии што меѓу другото се предизвикани од истиот, почетокот на испораките на електричниот СУВ се поместени за август годинава.

https://www.instagram.com/p/B9CdumwoqZB/

https://www.instagram.com/p/B6K_NEDIppn/

Претходна објаваSkoda Octavia RS ќе вози со 245 КС, се вмешува електромотор
Следна објаваСалонот во Женева откажан, Швајцарија поради корона забранува собири

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here