Skoda Octavia RS ќе вози со 245 КС, се вмешува електромотор

Skoda octavia rs iv
Skoda octavia rs iv

Чешката марка најавува три новитети за салонот во Женева. Главната сензација секако е новата Skoda Octavia RS iV, којашто првпат ќе користи плагин-хибриден погон. Во гамата на моделот пристига уште една хибридна изведба, додека кај Kamiq се нуди верзија Scoutline.

Skoda ги открива првите детали на новата Skoda Octavia RS iV во новото видео. Спортскиот топ-модел на четвртата генерација на Octavia ги спојува традицијата и иновацијата. Белези од богатата историја на модели на Skoda под ознаката RS се препознаваат во црните каросериски додатоци и во спортски дотераната внатрешност. Во исто време, плагин-хибридниот погон што првпат се вградува во модел RS јасно укажува на тоа дека чешката марка веќе сигурно чекори по патот на електромобилноста.

Покрај светската премиера на Octavia RS iV на 3-ти март, Skoda на салонот во Женева ќе прикаже уште еден модел Octavia iV, како и нова верзија Kamiq Scoutline

Со црната маска, спортскиот браник со црни Air Curtains, со заден браник со интегриран дифузор, оваа Octavia веднаш се препознава како член на семејството RS. Зад црните бандажи се наѕираат црвени сопирачки клешти. На задниот капак на лимузинската изведба се наоѓа црн RS-спојлер, додека комби изведбата има кровен спојлер во боја на каросеријата.

Хибридниот погон со сочинуваат 1,4-литарски TSI и електромотор со 85 kW (115 КС), кои заедно постигнуваат системска моќност од 245 КС и вртежен момент од 400 њутнметри. Според циклусот WLTP, спортската Octavia може само со енергијата во батеријата да извози до 55 километри.

Уште една моделска изведба на Octavia со хибриден погон во Женева

Втората изведба со хибриден погон е Octavia iV, исто така со 1,4-литарски TSI, но со послаб електромотор, при што се постигнуваат системски 204 КС и 350 њутнметри. Оваа изведба ќе биде достапна во нивоата на опрема Ambition и Style. Батеријата располага со капацитет од 13 киловатчасови и може да се полни на обичен приклучок или на полнач.

Kamiq е прв СУВ-модел на Skoda што добива изведба Scoutline

Салонска премиера во Женева ќе доживее и Kamiq Scoutline. Тоа е првпат Skoda да ја понуди оваа изведба во своето семејство од СУВ-модели. Обележја се облогите на арките во црна боја и масивните каросериски додатоци во сребрена боја, кои внесуваат авантуристичка нота, заедно со големите бандажи од 17 или 18 инчи. Kamiq Scoutline е достапен со сите мотори, од 90 до 150 КС.

Претходна објаваПочнува нова сезона на „Трговци со Автомобили“ на Дискавери
Следна објаваAiways ќе продава возила во продавници за бела техника

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here