Ласери ги мерат издувните гасови во Франкфурт

Ласери ги мерат издувните гасови во Франкфурт
Ласери ги мерат издувните гасови во Франкфурт

Нова технологија ќе овозможи реално мерење на количината на штетни материи во издувните гасови од автомобилите. Во Франкфурт започна пилот проект, системот ги снима и регистерските ознаки.

Во германскиот град Франкфурт на Мајна започна тестирање на нов систем за мерење на издувните гасови. Уредот пробно е поставен на прометна улица во градот и ги мери штетните материи во издувните гасови од автомобилите со помош на ласер. Со проектот раководи Сојузната канцеларија за животна средина.

Станува збор за систем што се води како Remote-Sensing-Detection, кој во почетокот ќе се применува во времетраење од 20 денови. Мерењето на емисијата од возилата се врши на тој начин што ласерот се насочува вертикално од горе кон издувните гасови на возилото што минува и потоа се одбива од рефлекторот во коловозот. Ласерот работи во инфрацрвениот и ултравиолетовиот спектар и невидлив е за возачите и патниците.

Одредувањето на количината на штетни материи во издувните гасови од возилото се врши со помош на спектрографија. Се мерат концентрацијата на азотни оксиди и на јаглерод диоксид, но и брзината на возилото, со цел податоците да се поврзат со одредена ситуација во возењето.

Дополнително се користи камера што ги снима регистерските ознаки, од коишто понатаму се добиваат информации за видот на моторот и издувната норма на возилото. На тој начин, измерената емисија може да се поврзе со конкретен вид на возила. Понатаму, Градот точно ќе знае колкава е емисијата на штетни материи од одредено возило.

Возачот останува анонимен при запишувањето на измерените вредности. Камерата ја регистрира само регистерската ознака, но не и човекот зад воланот. Покрај тоа, измерената брзина не може да се користи како основа за изрекување казна за пребрзо возење. На улицата се поставени табли што ги информираат возачите дека се врши мерење на издувните гасови.

Целта е Франкфурт да добие точна претстава за влијанието на издувните гасови од сообраќајот во загаденоста на воздухот во градот

Системот не е замислен како замена за мрежата од мерни станици во градот Франкфурт. Целта е градските власти да добијат точни и веродостојни податоци за влијанието на сообраќајот врз загаденоста на воздухот. Според франкфуртската канцеларија за животна средина, лани на улицата Фридбергер биле измерени 41,7 микрограми азотни оксиди на метар кубен воздух, додека дозволената вредност изнесува 40 микрограми.

Мерењето чини околку едно евро по возило. Тоа е далеку поповолно отколку обичното лабораториско или улично мерење. Во текот на летото, системот ќе се воведе и на други улици во Франкфурт. Понатаму, ласерските мерачи ќе се преместуваат по останатите улици, со цел да се добие целосна слика за загадувањето. Конечните резултати се очекуваат кон крајот на следната година.

Претходна објаваТуристичката класа ќе вози под напон од 2021 година
Следна објаваPeugeot ќе продава кинески пикапи во Африка и Латинска Америка

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here