Податокот за моќноста од 400 КС на новите Audi RS Q3 и неговата купе изведба Sportback е помалку важен од фактот што и натаму станува збор за петцилиндарскиот 2.5 TFSI.
Audi прв зачекори во сегментот на брзите СУВ-модели во компакт класата, кога ja претстави со првата генерација на RS Q3 во 2013 година. Во меѓувреме, Audi му ја придружи купе изведбата Sportback на својот Q3, па е сосем природно што и таа каросериска варијанта стартува заедно со „класичниот“ RS Q3.
Лутите изведби во гамата на компактниот СУВ се препознаваат по маската во сјајна црна боја и решетката во вид на саќе. Маската е воедно поставена пониско во споредба со Q3 и директно преоѓа во браникот што е со посебен изглед за RS, со големи отвори за воздух отстрана. Спортските гени на RS се забележуваат и во тенкиот жлеб над маската.
https://photos.app.goo.gl/D4psvzc7dzzCwMH3A
Сето тоа изгледа уште подинамично во RS Q3 Sportback, со покрив како купе и за 45 милиметри помала висина. Различно изведениот страничен појас прави тркалата да изгледаат уште поголеми. Динамичниот настап се заокружува со крилата што се проширени за десет милиметри, кај двете моделски изведби.
Моќта се прикажува импресивно и во опашот. Со ниското задно стакло и кровниот спојлер со додаток што е посебен за RS, купе-верзијата изгледа уште пошироко и подинамично. Првпат кај RS Q3 се вградува двоен издувен систем, со големи издувни цевки од двете страни. Браникот и дифузорот во стил својствен за спортските модели на Audi се подразбираат.
https://photos.app.goo.gl/KpWMnXUxBVtiE8Vk7
Предните светла стандардно користат диодна техника, со доплата може да се нарачаат матрични диодни светла, со затемнета маска како печат на RS.
Срцето на секој Audi RS останува моторот. Тука работи прочуениот 2.5 TFSI, со своите легендарни пет цилиндри. Моќноста изнесува 400 КС и тоа е за 17% повеќе од досега. Вртежен момент од 480 Nm се испорачува меѓу 1.950 и 5.850 вртежи во минута.
Спринтот од место до темпо сто трае 4,5 секунди. Крајната брзина е ограничена на 250 километри на час, а по посебно барање ограничувањето се одложува до 280 km/h
Освен по специфичното ослободување на моќноста, моторот е ценет по единствениот звук, поради редоследот на палење 1-2-4-5-3. Со новиот двоен издув само се нагласува овој звук. Сето тоа може да биде уште повпечатливо, со доплата за спортски издув. Петцилиндарецот досега деветпати е одликуван за светски мотор на годината во категоријата до 2,5 литри.
https://photos.app.goo.gl/awznYyrNdiCFLE189
Моќноста се испорачува преку седумстепен S tronic до постојаниот погон на сите тркала quattro. Нормално, секое тркало добива точно дозиран вртежен момент според условите на патот и ситуацијата.
Спортското подвозје ја спушта каросеријата за 10 милиметри во споредба со Q3. Тука исто така може да се интервенира дополнително и да се избере опција за приспособливо спортско подвозје DCC. Притоа, сензори ги мерат страничните и надолжните сили што дејствуваат врз возилото и соодветно ја менуваат реакцијата на амортизерите, со цел да се спречи наведнување на каросеријата. Тоа важи и за нерамнините во подлогата.
Системот Audi drive select, освен врз подвозјето дејствува и врз погонот quattro, управувањето, менувачот, реакцијата на моторот и врз звукот. На располагање стојат шест програми: Комфорна, автоматска, динамична, штедлива и индивидуална, при што во последнава може да се постават специфичните режими RS1 и RS2. До нив се пристапува ефектно, преку копчето RS-Mode на воланот.
https://photos.app.goo.gl/NQiAyvcmsgbnYgwh9
Управувањето е дотерано посебно за RS, за повратната реакција од подлогата да се пренесува верно додека се ловат свијоците. Зад бандажите, стандардно од 20 инчи, односно опционално 21 инчи, работат шестклипни сопирачки клешти со перфорирани дискови од 375 милиметри напред. Како што вообичаено кај RS, секогаш има уште еден степен плус, па така и за сопирачките може да се избере керамичка варијанта, со дискови од 380 милиметри напред и 310 милиметри назад.
Audi не ги запоставува практичноста и комфорот. Задната клупа се мести надожно, плус има седум степени на местење на аголот на клупата. Багажникот располага со 530 литри, односно до 1.525 литри со соборена клупа (1.400 литри кај Sportback).
Спортски седишта во комбинација од кожа и алкантара се стандард. Со посебни дизајнерски пакети може да се внесат акценти во црвена или сина боја во внатрешноста. Дигиталните инструменти исто така се стандард.
Цените за Audi RS Q3 на германскиот пазар стартуваат од 63.500 евра, Sportback чини 1.500 евра повеќе.
















