По мартовската премиера во Женева, сега почнува и продажбата на освеженото моделско на годиште на Skoda Fabia. Освен со нов изглед на предниот и задниот дел, и освежена внатрешност, чешкото Polo пристига исклучиво со бензински мотори – дизелот исчезнува од оваа класа.
Понудата од мотори стартува со 1.0 MPI во верзии со 60 и со 75 КС, по нив следи 1.0 TSI со 95 КС, врвот е за верзијата со 110 КС. За најсилната изведба постои опција за менувач со двојна спојка. Моделското освежување носи и побогата сериска опременост кај возилата што се наменети за германскиот и останатите носечки пазари во Европа. Плус во опремата е радиото Swing, универзална врска за паметен телефон SmartLink+, патен компјутер со дисплеј од 4,2 инчи и Skoda Care Connect.
Кај нас нема толкава издашност во сериската понуда од опрема уште во основното ниво, но една споредба совршено ја објаснува причината: Во македонскиот ценовник, Skoda Fabia 1.0 MPI со 75 КС и ниво на опрема Active чини 10.160 евра, додека во Германија, цената на истиот модел изнесува 13.490 евра. Толку од „мистеријата“.
Предните светла имаат нов дизајн, мошне е впечатлива и формата на маската со вертикални ламели. Првпат се нуди диодна техника за светлата, како опција за 656 евра. За диодни задни светла се доплаќа 130 евра. За внатрешноста се нуди избор од неколку украсни лајсни, како и можност за нарачка на двобоен ентериер. Инструментите исто така се сменети, а средишната преграда доби осветлување.
Во стандардната опрема отсега спаѓаат диодни дневни светла, како и електрика и греење за ретровизорите. Верзиите за големите европски пазари дополнително добиваат патен компјутер со дисплеј од 4,2 инчи и Skoda Care Connect, кој автоматски ги повикува спасувачките служби при незгода.
На списокот на дополнителна опрема се наоѓаат три нови системи за асистенција: Автоматско долго светло, следење лента и помош при излегување од паркинг.
Цените за новата Skoda Fabia
1,0 MPI Active (75 КС, 5-степен мануелен менувач) 9.700 евра
1,0 MPI Active (75 КС, 5-степен мануелен менувач) 10.160 евра
1,0 TSI Active (95 КС, 5-степен мануелен менувач) 10.940 евра
1,0 TSI Active (110 КС, 6-степен мануелен менувач) 11.680 евра
1,0 TSI Active (110 КС, 7-степен, со двојна спојка) 13.060 евра


















