За десетина денови почнува Автомобилската недела во Монтереј, Калифорнија, со богата програма од настани, вклучувајќи го и „Пебл“. Главното место на трките со историски автомобили ќе му припадне на Nissan. Првпат јапонска марка ја добива оваа чест.
Nissan е првата јапонска марка што ќе добие почесно место на трките со историски автомобили во Монтереј, Калифорнија. Настанот е дел од богатата програма во рамките на Автомобилската недела во Монтереј, заедно со прочуениот Конкурс д’Елеганс во Пебл Бич. За Американците, тоа е една од најважните трки со историски автомобили на континентот.
Мотоспортот има многу подлабоки корени во историјата на Nissan. Марката ја постигнува првата победа во 1936 година во Токио, со Datsun NL-75. Токму поради овие гени, јапонската марка за време на Автомобилската недела во Монтереј не избра да се разладува на крајбрежјето на Пебл Бич, туку реши да ги впрегне коњските сили и да постигне уште една победа, на патеката Лагуна Сека.
Во изминативе 50 години, Nissan (и Datsun) победија во преку 100 национални шампионати и на повеќе од 200 трки во меѓународна конкуренција на тркачките патеки во САД.
Годинава на трката со историски автомобили во Монтереј ќе учествуваат над 50 тркачки автомобили на Nissan и Datsun. Стив Милен ќе пристигне со 300ZX Turbo, победник на Леман и Дајтона, додека Џон Мортон ќе вози BRE Datsun 240Z. Комичарот и колекционер Адам Карола е пријавен со 300ZX Turbo од класата GT-1, со когошто порано се натпреваруваше Пол Њумен.




















