Nissan е светски шампион во електромобилноста, Nissan го има и GT-R, но прави и грешки. По неколку месеци, Јапонците откриваат дека направиле уште неколку пропусти при мерењето на потрошувачката на гориво и на емисијата на штетни материи
Nissan призна дека дозволил неколку пропусти при мерењето на емисијата на штетни материи. Во речиси сите фабрики на јапонската марка се направени грешки при тестирањето на издувните гасови и емисијата на штетни материи. Вториот најголем производител на автомобили од Јапонија вети дека во најкус рок ќе ги отстрани пропустите.
Паралелно со поправањето на пропустите ќе се спроведе и целосна истрага околу причините коишто довеле до истите. Засега се претпоставува дека грешката е во условите за тестирање. Според Nissan, безбедноста на автомобилите не е доведена во прашање.
Јапонците во минатиот октомври беа вмешани во скандал околу проверката на безбедноста на возилата. Во сервисните работилници беа повикани 1,2 милион автомобили произведени меѓу октомври 2014 и септември 2017. Возилата биле испорачани само на домашниот пазар и добиле зелено светло од неовластени техничари.
















