Nissan GT-R по вкус на Italdesign за двојниот јубилеј

Nissan GT-R50 by Italdesign

Од куќата на добриот автомобилски дизајн доаѓа овој уникатен Nissan GT-R50 by Italdesign. Поводот е заеднички да се одбележи половина век на Italdesign и на GT-R

Успесите на Nissan GT-R и на Italdesign досега не биле поврзани. Затоа е уште поимпресивно кога по половина век паралелно напредување ќе се спојат две легенди на автомобилската сцена. Резултатот е Nissan GT-R50 by Italdesign. Како што навестува и ознаката, со овој автомобил се одбележува половина век на спортската икона на Nissan и на дизајнерското студио што во времето на Џорџето Џуџаро произведе некои од највпечатливите автомобили во историјата. Italdesign денес е во сопственост на Audi, но останува големото име. GT-R50 пристига во Европа во текот на јули.

Замена на улогите: Italdesign работеше на техниката, Nissan на стилот

Идејата беше да се создаде GT-R што не познава граници. Осмислувањето на модификациите, инженерингот и изработката се дело на Italdesign, додека дизајнерските студија на Nissan во Лондон и во САД се погрижија за стилот. Тоа што се забележува прво е златната лента по цела ширина на каросеријата. Промени има во хаубата, диодните светла се комплетно нови.

Покривот е спуштен за 54 милиметри, а дополнителна висина е одземена по средината на покривот, според принципот – секоја можност да се спушти тежиштето, мора да се искористи. „Самурајските мечови“ на крајот на предните крила се нагласени со златната боја и се издолжени.

Горниот раб на задните крила продолжува длабоко кон средината на каросеријата. Дизајнерската шема на опашот е комплетно сменета. Прекриена со злато, исто така. Задното стакло е потесно и покусо, опашот завршува во стилот на суперспортските машини од Сант Агата или Маранело. Фановите, впрочем, ценат дека GT-R е на истото рамниште, особено во екстремо тјунираните изведби.

Мајсторски потег се и задните светла, коишто изгледаат како да лебдат над каросеријата, составени само од светлечки прстени, со празна средина. За крај следат голем спојлер и бандажи од 21 инчи со уникатен дизајн.

Целата внатрешност е обработена со карбон во два различни финиши, додека седиштата, во најдобрата италијанска традиција, обложени се со алкантара и црна напа кожа. Златните акценти не недостигаат и тука.

720 КС и 780 њутнметри за моторот што на тјунинг сцената постигнува и по 2.000 КС

Вистинската убавина на GT-R сепак е во техниката. Во режија на Nismo и со користење на искуствата во GT3, познатиот 3,8-литарски V6 достигна 720 КС и 780 њутнметри. Дека моторот е составен рачно, од врвни специјалисти, тоа е веќе класика.

Моторот со „име“ VR38DETT доби сет поголеми турбокомпресори како во GT3-класата, а заедно со тоа и поголеми интеркулери. Тоа е само почетокот: Коленасто вратило, клипови, клипници, лежишта – сето
тоа модифицирано за екстремни оптоварувања. Сменет е и профилот на брегастите вратила, инјекторите, палењето, вшмукувачкиот тракт и издувниот систем. Шестстепениот менувач со двојна спојка е зајакнат, исто како и погонските оски и диференцијалите.

Во подвозјето работат приспособливи амортизери Bilstein DampTronic, шестклипни сопирачки клешти Brembo напред и четириклипни клешти назад, со гуми Michelin Pilot Super Sport, со димензија 255/35 R21 напред и 285/30 R21 назад, задолжени за пренесувањето на моќта врз асфалтот.

Технички податоци · Nissan GT-R 50 by Italdesign

Основа Nissan GT-R NISMO
Должина 4784 mm (стандардно 4690 mm)
Ширина 1992 mm (стандардно 1895 mm)
Висина 1316 mm (стандардно 1370 mm)
Меѓуоскино растојание 2780 mm
Мотор 3.8-литри VR38DETT by NISMO
Моќност 720 КС @ 7100 rpm
780 Nm @ 3600-5600 rpm
Погонска спрега: Мотор зад предна оска, менувач назад Attesa E-TS
Погон на сите тркала
Менувач со двојна спојка, 6 степени
Амортизери BILSTEIN DampTronic I
Сопирачки Brembo, 6-клипни клешти напред, 4-клипни назад
– перфорирани дискови 390 x 32.6 mm напред и 380 x 30 mm назад
Бандажи напред 21 x 10J, назад 21 x 10.5J
Гуми Michelin Pilot Super Sport, 255/35 R21 напред, 285/30 R21 назад

[FAG id=33399]

Претходна објаваРасте продажбата на автомобили со погон на метан
Следна објаваAudi Q8 им се придружува на BMW X6 и Mercedes GLE Coupe

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here