Rolls-Royce има свое гледиште на калифорниското движење „автомобили и кафе“. Во неговата верзија, кафето е заменето со коњак. Автомобилите обично ги оставаме на страна кога се спомнува алкохол, но објаснувањето е многу логично
Rolls-Royce е марката што од 1904 година наваму ги има возено највлијателните, најбогатите и најпознатите господа во светот. Продолжувајќи ја оваа традиција, благородничката марка од Гудвуд неодамна го организираше првиот светски собир насловен „автомобили и коњак“, на когошто беа поканети само избрани личности.
Патроните на Rolls-Royce ја прославуваа заедничката страст за марката, на собирот во стил на калифорниското движење „автомобили и кафе“. Настанот се одржа во Котсволдс, предел во Оксфордшир кој се вбројува меѓу најубавите природни средини во Англија. Во срцето на овој предел се наоѓа и приватниот клуб Soho Farmhouse, како локација на којашто се одржуваше на првиот „Автомобили и Коњак“.
Неколку врвни изработки од Гудвуд беа паркирани во клубот: Rolls-Royce Dawn во „спортската верзија“ Black Badge, па дополнително и во верзија Aero Cowling, а покрај него уште еден Dawn, но од колекцијата Adamas. Челото му припадна на Rolls-Royce Phantom со специјална опрема за пикник. Сомелиер ги запознаваше присутните гости со тајните за препознавање на добар коњак.
Тоа што сепак „запнува“ околу целиот овој настан е недозволивата комбинација од автомобили и алкохол. Зошто Rolls-Royce си ја дозволи оваа гребнатина во инаку беспрекорниот имиџ? Затоа што ништо не е случајно. Прво, сопствениците на автомобилите со фигурата на Емили врз маската ретко седнуваат зад волан. Најголемиот дел од нив вработува шофер во куќниот персонал. Второ, Rolls-Royce со овој чин укажува на дека марката безмалку опстојува во некој паралелен универзум, кадешто важат други правила и закони.

















