Конструиран врз истата платформа со Lamborghini Urus и со изглед што е изваден од ист калап со Q7, A8 и A7 Sportback, новиот купе-теренец од Инголштат конечно се впушта во битка со X6 и GLE Coupe. Неколку фини детали прават Audi Q8 да не се гледа само како Q7 со закосен покрив
Купе-теренецот на Audi пристига со задоцнување од десет години по BMW X6 и три години по Mercedes GLE Coupe. Продажбата на Audi Q8 на германскиот пазар започнува веќе месецов, а кога ќе се појави на улица, тој сигурно нема да остане незабележан.
Со должина само еден сантиметар под пет метри и ширина од точно два метри, Audi Q8 има слични пропорции како X6 или GLE Coupe. Во споредба со Q7, со когошто ја дели платформата, купе-теренецот е покус за околу три сантиметри и за исто толку е понизок.
Напред се забележува впечатлива осумаголна маска, како заштитен знак на сите модели Q. Таа може да биде во боја на каросеријата, во црна боја или во мат сива. Предните светла се мошне тенки, но тоа е само привидно. Долгото светло е издвоено оздола.
Покривот паѓа косо наназад, но не толку изразено, додека прозорците во вратите се без рамка. Како што е практика кај моделите на Audi од повисоките класи, светлечка лента се протега по целата ширина на опашот. Детал што не доликува на премиум модел се лажните издувни цевки.
При почетокот на продажбата ќе биде достапна само една моделска изведба. Audi Q8 50 TDI вози со трилитарски дизел со 286 КС и 600 њутнметри, вклучувајќи и 48-волтна мрежа. Со овој мотор, спринтот до темпо сто трае 6,3 секунди, а крајната брзина изнесува 232 km/h. Останатите мотори ќе се нудат дури во почетокот на следната година. Необичното доцнење веројатно е предизвикано поради ускладувањето со новите норми WLTP.
Цените моментно не се објавени, но извесно е дека новиот купе теренец ќе биде неколку илјади евра поскап од Audi Q7
Кокпитот е речиси идентичен со A8, со поголеми разлики единствено во воланот и во отворите за проветрување. Виртуелниот кокпит го надополнуваат голем средишен монитор од 10 инчи и за два инчи помал дисплеј под него. Ротацискиот контролер замина во историјата, исто како и сензорското поле за ракување. Прекинувачите се сведени на минимум, нивната улога ја презедоа дисплеи со повратна реакција при притискање.
Audi Q8 се нуди само како петосед, нема верзија со две единечни седишта назад. Задната клупа се мести по должина, па така се објаснува и декларираната зафатнина од 605 литри на багажникот. Со соборена клупа, просторот расте на 1.755 литри.
Стандардно следуваат диодни светла, бандажи од 19 инчи, приспособливо подвозје, електрично ракување со задниот капак и двозонска автоматска клима. Секако дека и долгиот список на дополнителна опрема е импресивен, без разлика дали се работи за бандажи од 22 инчи или масажа за патниците на задните седишта. Матрични диодни светла, исто така.
Погонот е quattro со средишен диференцијал и со распределба на вртежниот момент во сооднос 40% напред и 60% назад. Со доплата се добива и управување на сите тркала. Во тој случај, големиот купе-теренец може да заврти за еден метар помал круг.
Купувачите можат да се решат и за верзија со пневматска амортизација
Со користење на мобилната апликација myAudi може преку телефон да се вклучуваат разни функции на светлата, а со доплата за посебен клуч, возилото може и да се стартува далечински преку мобилен телефон со Андроид. Системите за асистенција се веќе познати од Audi A8 и поделени се во четири пакети.
Во почетокот на следната година пристигаат основниот модел Audi Q8 45 TDI со 231 КС и единстениот бензинец во понудата, Q8 55 TFSI со трилитарец со 340 КС. Класичен автоматик со осум степени следи како стандард во сите моделски изведби. Веќе е потврдено дека гамата на моделот ќе ја круниса RS Q8 со повеќе од 600 КС, но датумот на неговото појавување уште не се открива.
https://youtu.be/5rR086Zg7Hw
[FAG id=33426]



















