Новата кинеска марка со електрични автомобили Byton го привлече вниманието во почетокот на годинава, со концептот на СУВ-возило. Не беше случајност тоа што целата сцена зборуваше за овој автомобил. Тимот пристига од BMW, Tesla, Google, Apple. Сега пристига и вториот концепт со електричен погон, a веќе има најави и за почеток на производството
Кинеската марка за електрични автомобили Byton имаше премиера во почетокот на годинава, на саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас. Првото возило што тие го покажаа пред светот беше неименуван, но мошне интересен концепт на СУВ. Byton потоа присуствуваше и на големиот салон на автомобили во Пекинг. За своето трето појавување на автомобилската сцена, новата кинеска марка го избра саемот ЦЕС во Шангај. Byton тука пристигна со концепт на лимузина со електричен погон, заедно со конкретни најави за иднината.
Автомобилите на Byton повеќе не се безимени. СУВ-моделот го доби моделското име M-Byte, додека новата лимузина од Шангај се вика K-Byte. Двата модела користат модуларна платформа, од којашто може да се изведуваат верзии со различна големина на батеријата и со различна конфигурација на погонот. Едната варијанта на M-Byte располага со моќност од 272 КС и постигнува досег од 400 километри, додека втората варијанта користи погон на сите тркала, поседува системска моќност од 408 КС и вози до 500 километри со едно полнење.
Byton K-Byte изгледа повеќе футуристички од останатите затоа што нема пример кој треба да го следи
Вообичаено за електричниот погон, петметарската лимузина K-Byte има импресивно долго меѓуоскино растојание од три метри, што говори за одлична просторна понуда во кабината. Линијата на покривот е развлечена наназад и преоѓа во кусиот опаш. Страничната силуета не се разликува премногу од обичните автомобили, но затоа предниот и задниот дел изгледаат мошне футуристички.
Дизајнот на опашот го сочинуваат големи и мазни површини и тенка светлосна линија по целата ширина на возилото. Напред има тенки диодни светла, во комбинација со таканаречена „смарт-површина“. Идејата на оваа површина е преку анимирана графика да се комуницира со надворешниот свет. На покривот и на предните крила се забележуваат лидарски сензори (комбинација од ласер и радар), како основа за функциите за автономно возење. Овие сензори автоматски излегуваат при возење, односно остануваат вовлечени кога автомобилот е паркиран.
Внатрешноста е во истиот стил со M-Byte, односно со дисплеј по целата ширина на кокпитот и дополнителен дисплеј во средината на воланот. Секако дека ниту назад не отсуствува по еден дисплеј. Byton го нарекува овој кокпит „Shared Experience Display“ и како што кажува името, наменет е за сите патници во возилото. Совозачот може да го менува приказот на дисплејот преку мобилен телефон.
Иако беше претставен пред јавноста како концептен автомобил, СУВ-моделот на Byton ќе стартува со производство во Кина кон крајот на следната година. Една година подоцна, M-Byte ќе се упати и кон САД и Европа. Лимузината K-Byte пристига во 2021 година. Се шпекулира и за трет модел во гамата, веројатно кросовер со место за седум патници.
Byton e кусо од Bytes on Wheels или бајтови на тркала
Пред неколку денови, компанијата се пресели во новото седиште во кинескиот Нанчинг. Во меѓувреме пристигнаа и нови инвеститори. Најстариот производител на автомобили во Кина, компанијата First Automotive Works или FAW, вложи трицифрена милионска сума во Byton. Во првиот круг пристигнаа Harmony Auto, Auto Investments, League Automotive Technologies, Legend Capital, Industrial Investment Fund во Чангсу и групацијата Chengdu.
Дизајнот на возилата се создава во Минхен, дел од развојот се одвива во Силиконската Долина, а на тоа следуваат и центрите во Пекинг, Шангај и Хонгконг. Тимот го сочинуваат експерти од Кина, Европа и САД, коишто пристигаат од компании како BMW, Tesla, Google и Apple.
[FAG id=33106]


















