за

Byton е последниот автомобил што ќе се споредува со Tesla

Byton Concept CES 2018

Можеше да се очекува денот кога крајната брзина повеќе нема да биде важна кај новите автомобили, туку процесорската моќ и брзината на трансферот на податоци. Тоа се случи кога новиот производител на електрични автомобили Byton го претстави својот прв автомобил на саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас. И местото за светската премиера на автомобилот беше точно погодено. Byton уште се води како концептен автомобил, но стартот на сериското производство е сосем извесен.

Автомобилскиот свет навикна секој нов електричен автомобил што ќе се појави на сцената да го споредува со Tesla. Еден е поевтин, друг е побрз, трет е поубав. Но, тоа што сега го понуди новиот производител Byton го нема кај ниту еден друг. Овој автомобил практично е изграден околу дигиталниот свет во него. Комуникациската технологија и вмрежувањето преоѓаат на следното скалило. Тука буквално врие од напредна технологија. Токму тоа долго време недостига кај Tesla. Можеби е веќе време да се смени реперот за електричните автомобили.

Byton Concept CES 6

Колку е навлезен дигиталниот свет во Byton најдобро сведочи дисплејот долг 1,25 метар и висок 25 сантиметри, кој се протега речиси по целата ширина на кабината. На тоа следуваат уште три дисплеи, коишто заедно со главниот дисплеј сочинуваат „shared experience“. Нема нешто да недостига: Гласовна контрола, допирна контрола, препознавање лик и гестикулација. Според Карстен Брајтфелд, соосновач и шеф на Byton, целото возило е „концепт што ги спојува дигиталната и автомобилската индустрија на начин кој овозможува мобилноста да прерасне во сосема ново искуство.“ Даниел Кирхерт, вториот соосновач и претседател на Byton, додава на тоа: „Ние го развивме првиот електричен автомобил од премиум сегментот со достапна цена, којшто исполнува сé што се бара од еден и единствен автомобил во домаќинството.“ Брајтфелд и Кирхерт доаѓаат директно од BMW.

Електричниот погон овозможува многу повеќе простор во кабината

Byton Concept е премиум теренец од средна класа, со должина од 4,85 метри. Вообичаено за електричниот погон, кој дозволува порационално искористување на просторот, меѓуоскиното растојание изнесува близу три метри. Кредибилитетот на електричниот погон го заокружува досегот од 520 километри, барем според производителот.

Byton Concept CES 7

Дизајнот повеќе е препознатлив, отколку неодолив, но токму тоа била и целта на стилистите, возилото да се издвојува во уличната слика. На тоа се надоврзува впечатлива игра со диодните светла. Буквално игра, затоа што светлата приредуваат соодветно шоу кога возачот се приближува до возилото. Тие можат да ја покажат и наполнетоста на батериите.

Камери го препознаваат возачот и отвораат врати, камери снимаат место ретровизори

Рачките на вратите се минато. Три камери го снимаат лицето, ги проверуваат биометриските податоци и ги отклучуваат вратите за „своите“ луѓе. Вратата се отвора со допирање на сензорот. Камери ја заменуваат и функцијата на ретровизорите, вклучувајќи и трета камера во опашот на возилото.

Byton Concept CES 1

Кабината пречекува со комплетно рамен под обложен и со висока технологија насекаде. Атмосферата на клупски салон ја надополнува рамната арматурна табла со многуте дисплеи. Предните седишта ротираат за 12 степени, заради комуникација со патниците на задните седишта. Со овој чин на патниците назад им се отвора и погледот кон „shared experience display“. Впечатливи детали се дрвениот под, квалитетната кожа на седиштата и можноста за менуавње на боите во кабината.

Byton Concept се поврзува со „облак“ и веднаш ги знае барањата на возачот и патниците

Кога камерите ќе ги препознаат возачот и патниците, се активира Byton Intuitive Access. По отклучувањето на вратите, седиштата се местат во меморираната положба, се вклучува избраната музика, се сé приспособува индивидуално. Посебна финта е користењето на Byton-Cloud. Тоа значи дека возачот може да седне во кој било автомобил на Byton и неговиот личен профил ќе се вчита од „облакот“.

Ракувањето преку гестикулација се нарекува Byton Air Touch и меѓу другото овозможува возачот да повлече одредена локација во системот за навигација и целата процедура завршува тука. Возачот контролира со „Shared Experience Display“ преку таблет, на когошто се наоѓаат малкуте вистински копчиња, кои мора да постојат поради прописите.

https://www.facebook.com/BYTONcars/posts/530144544029668

Byton Life е дигитална платформа којашто ги поврзува различните апликации, податоци и паметни уреди во возилото со возачот и патниците. На саемот во Лас Вегас беа прикажани четири функции: “my HEALTH”, “my COMMUNICATION”, “my ENTERTAINMENT” и “my ACTIVITIES”. Првата од нив, на пример, ја анализира здравствената состојба на корисникот, меѓу другото тежината, пулсот и крвниот притисок.

Стопати побрз пренос на податоци отколку со обична врска

Видео и телефонски конференции се лесна вежба за технологијата во Byton, исто како и можноста да се обработуваат различни документи. Преку Byton Life, музиката, видеото и други содржини од паметниот телефон се пренесуваат на дисплејот во возилото во истиот момент кога корисникот ќе седне. Хардверот подржува 5G пренос, со кровна антена за пренос на 10 Gbit податоци во секунда – тоа е стопати побрзо од обичните системи.

https://www.facebook.com/BYTONcars/videos/523567658020690/

Серискиот модел ќе се испорачува во две варијанти. Едната ќе има погон назад и батерија од 71 kWh (со досег од 400 km), втората ќе има погон на сите тркала и батерија од 95 kWh, за досег до 520 километри. На брз полнач се постигнува 80-процентна наполнетост за половина час. Првата варијанта поседува еден електромотор со 272 КС и 400 њутнметри, втората располага со 476 КС и 710 њутнметри. Тука се следи примерот на Tesla. На истата платформа ќе се изработи и лимузински модел, како и верзија со седум седишта.

За производството во Кина повеќе никој не се буни

Теренецот ќе се произведува во фабриката во Нанџинг, Кина. Цените стартуваат од 45.000 долари (37.500 евра). Продажбата во Кина започнува во 2019 година, една година подоцна е редот на Европа и САД. За 2021 се планира лимузината, во 2022 пристига седумседот.

Фабриката и развојниот центар се наоѓаат во Нанџинг, дизајнот се развива во Минхен. Вториот развоен центар ќе работи во Силиконската Долина во САД. Канцеларии за продажба, маркетинг, дизајн и контакти со инвеститорите постојат во Пекинг, Шангај и Хонгконг.

[FAG id=30435]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

volvo 850 btcc

Топ 10 Најголеми легенди во британската туристичка класа

ford f-150 diesel

Најпродаваното возило во САД добива дизел мотор