Мини-лабораторијата за следење на загаденоста на воздухот на Bosch доби награда за иновација на годината на саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас. Bosch Climo е значително поевтин од постоечките уреди и може да се користи и за мобилно мерење на квалитетот на воздухот.
На саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас, Bosch ќе го претстави системот за следење на микроклимата Climo. Функцијата на овој уред е да реагира брзо при нарушување на квалитетот на воздухот во градовите и веднаш да го пријави проблемот до надлежните институции. Врз основа на деталните податоци што ги испорачува оваа мини лабораторија, градовите можат да носат мерки за соодветно регулирање на сообраќајот во случај на прекумерна загаденост на воздухот. Пред саемот ЦЕС да биде отворен за јавноста на 9-ти јануари, Bosch Climo ја доби наградата за иновација на годината во категоријата на технологија за интелигентен град.
Bosch Climo е развиен во соработка со Intel
Climo е стопати помал, но и десетпати поевтин од досегашните системи. Во развојот на технологијата за мини мерната станица учествуваше и ИТ-гигантот Intel. Системот користи анализа базирана на „cloud“ и го следи квалитетот на воздухот со помош на компактни сензори, преку безжична врска и со специјален софтвер.
Вкупно се следат 12 параметри, како јаглероден диоксид и азотни оксиди, но и температурата, релативната влажност на воздухот, па дури и концентрацијата на полен. Малечката кутија се напојува преку обична струјна мрежа или преку 12-волтна батерија.
За време на одржувањето на најголемиот саем за потрошувачка електроника во светот, Climo ќе го следи квалитетот на воздухот во Лас Вегас.
















