Германците ниту со пари не се тераат да возат на струја

електрични автомобили германија

Автонацијата не ги заменува тукутака своите бензинци и дизели со електромотор. Субвенцијата за електрични и плагин хибридни автомобили во висина од 4.000 евра, односно 3.000 евра, за период од една и пол година ја искористиле само 45.000 возачи. Од шестотините милиони евра што Германија ги издвои за таа цел, досега е потрошена само една десетина.

Изумите на Николаус Ото и Рудолф Дизел сé уште функционираат беспрекорно за германските возачи. За период од една и пол година откако германската влада стартуваше со субвенции за електрични и плагин хибридни автомобили, потрошена е само една десетина од планираниот буџет.

Продажбата на автомобили со електрифицирана погонска спрега порасна значително во последните неколку месеци, но тоа сé уште е недоволно. Присуството на електромотор во погонот и натаму не привлекува масовен интерес кај возачите во Германија. Голем е бројот на продадени електромобили, но нивниот удел во вкупната продажба е пренизок. Германија не е ниту во европскиот Топ 10. Во Норвешка повеќе од една третина од новите автомобили возат на струја.

Германската влада издвои 600 милиони евра за електрични автомобили до 2019 година

За една и пол година, институциите во државата добиле околу 47.000 барања за субенција. Од вкупниот буџет во висина од 600 милиони евра, досега се исплатени околу 65 милиони евра. Сојузната влада учествува со 2.000 евра при купување батериски автомобил, односно со 1.500 евра за автомобили со хибриден погон. Производителот на автомобилот има обврска да му пресмета исто толкав попуст на купувачот, како услов за реализација на субвенцијата. Значи, вкупно 4.000 евра за батериски и 3.000 евра за хибридни возила.

Планот на германската влада е на овој начин да се потпомогне купувањето на 300.000 возила со електрифициран погон до крајот на 2019 година. Но, според досегашната динамика на продажба, голем дел од буџетот ќе остане непотрошен. Моментно се размислува евентуалната преостаната сума да се потроши за поставување полначи за струја за сопствениците на електрични автомобили.

Претходна објаваТоп 10 автомобилски трендови во 2018 година
Следна објаваКина укинува 553 модели поради превисока потрошувачка

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here