Новата серија лесни доставни возила Iveco Daily Blue Power ја понесе титулата на светски ван за 2018 година. Манифестацијата се одржуваше синоќа во рамките на саемот за транспорт во Лион, Франција.
Жири составено од 25 специјализирани новинари од цел свет му ја додели титулата на ван на годината на Iveco Daily Blue Power. Според оцените на експертите, новата серија на лесното доставно возило се издвојува со погодноста за животната средина. Во гамата се достапни верзија со електричен погон, со погон на метан, како и дизел мотор со SCR-техника за пречистување на штетните материи.
Iveco Daily со погон на метан испушта за 76% помалку цврсти честички отколку со дизел мотор
Daily Hi-Matic Natural Power е првото возило во сегментот што комбинира компримиран метан и осумстепен автоматски менувач. Трилитарскиот мотор со 136 КС располага со највисок вртежен момент во класата, со 360 њутнметри. Во споредба со дизел мотор, емисијата на цврсти честички е пониска за 76 проценти и за 12 проценти е намалена емисијата на азотни оксиди.
Класичната верзија Daily Euro 6 RDE 2020 Ready, со 2,3 литарски дизел мотор веќе ги исполнува ограничувањата според циклусот RDE (Real Driving Emissions, емисија при возење во реални услови), кој стапува на сила во 2020 година. Со систем старт-стоп и гуми Michelin Agilis+ eco, тој е за седум проценти подобар во споредба со претходната верзија.
Електричната изведба Daily Electric не испушта ниту грам штетни материи и со доседот до 200 километри е наменета првенствено за достава во градовите. На брз полнач се доволни два часа за батериите да се наполнат повторно.
















