Автомобилската „божица“ се враќа во служба на францускиот претседател. Марката DS, именувана според легендарниот модел на Citroen од 1960-те години, го удостои новиот претседател Емануел Макрон со првото службено возење по Елисејските Полиња. DS 7 Crossback ќе биде достапен во продажба дури во почетокот на следната година.
За првото возење во својство на Претседател на Франција, Емануел Макрон го избра новиот DS 7 Crossback, моделот што премиум марката на PSA го претстави пред само два месеци. Претседателскиот DS 7 секако дека располага со неколку дополнителни „опции“, на пример, отворен покрив за Макрон да може да го поздравува францускиот народ додека се вози по Елисејските Полиња.
Овој чин оди во прилог на промоцијата на марката, имајќи предвид дека првото појавување на DS 7 Crossback во јавноста се случи токму на инаугурацијата на новиот претседател на Франција. Испораката на големиот кросовер ќе стартува дури во јануари следната година.
https://www.facebook.com/DSOfficial/videos/619853341542923/
Не се случува првпат DS да биде во служба на официјален превоз на највисоките француски државници, па дури и во функција на „телохранител“. Поранешниот претседател Шарл де Гол во август 1962 година преживеа атентат во тогашниот Citroen DS, кога дванаесетмина припадници на ОАС отвориле оган врз возилото. Возачот успеал да побегне од местото благодарение на легендарната хидропневматска суспензија на DS, иако напаѓачите значително го оштетиле возилото. Постарите генерации го помнат автомобилот како „дегол“.
Претседателскиот DS 7 Crossback веќе од утре ќе биде изложен во репрезентативниот салон на DS на улицата „Франсоа Први“ во Париз.
Посебни детали на Претседателскиот DS 7 Crossback
- Atelier Maury, прочуена француска работилница за специјални декоративни изведби, работеше на ентериерот на возилото во црна кожа
- Во бандажите од 20 инчи се изведени детали со позлата
- Напредни системи за асистенција: DS Connected Pilot како систем за автономно возење и DS Active Scan Suspension, кој со помош на камери го „снима“ патот пред себе и на тој начин го подготвува подвозјето да реагира соодветно уште пред возилото да помине преку нерамнините на патот.
















