На Peugeot сигурно не му недостига смелост и иновативност. Французите испорачуваат електричен велосипед заедно со новиот кросовер Peugeot 5008, со којшто понудата на можности за мобилност „се проширува до последниот километар“.
Peugeot е водечка марка на пазарот на преклопливи велосипеди уште откако го претстави својот прв преклоплив велосипед наменет за француската армија и дизајниран од Анри Жерар во 1892 година. Французите сега изнаоѓаат нови решенија за излегување во пресрет на модерните предизвици за мобилност. Електричниот велосипед eF01 е последен во серијата велосипеди со помош од електромотор, лансирана во 2009 година и во моментов составена од повеќе од 10 модели.
Според техничарите на Peugeot, велосипедот се преклопува за помалку од десет секунди, во само три едноставни потези. Заедно со eF01 се испорачува и полнач кој се сместува во багажникот на Peugeot 5008 или кој било друг модел со приклучок за 12 волти – и доволно простор. Батеријата се полни за околу два часа, а може да се приклучи и на секој домашен приклучок за струја.
Тежината е само 17 килограми, брзината е до 20 km/h, а литиум-јонскиот акумулатор дозволува досег до 30 километри. На обете тркала се вградува сопирачки диск од 16 инчи. Како врв, eF01 може преку блутут да се поврзе и со телефонот, со апликацијата Mypeugeot APP, за контрола на наполнетоста и увид во досегот.
Електричниот велосипед eF01 ќе биде прикажан премиерно на салонот во Париз, заедно со Peugeot 5008, а продажбата стартува во првата половина од следната година.
















