Bentley се грижи и за делот од својата префинета клиентела којашто бара автомобил со подинамичен изглед. За нив е наменета специјалната серија од Flying Spur V8 S, наречена „Black Edition“. Повеќе детали се суптилно преработени за да оддаваат повеќе моќ, да ја прикажат темната страна на автомобилите од Кру.
Рамките на вратите, ретровизорите, бандажите од 21 инч со нов дизајн, основата на светлата, маската – сето тоа е изведено во црна боја. Исполирано да свети, секако. Тоа е бојата што според Bentley најмногу одговара со моќниот осумцилиндарец.
https://goo.gl/photos/7r3c41WvGDtUJT2c9
Внатре не е ништо „посјајно“. Седиштата се изведени во посебен дизајн, со црвени ленти и опшивка во истата боја. Трикракиот спортски волан е стандард, исто како и украсните панели во сјајна црна боја. По желба на клиентот, во благородната британска марка ќе ја изведат која било комбинација од бои и материјали.
https://goo.gl/photos/6zUk7bThpm6wK38U7
Повеќе не е необична ниту можноста сопирачките клешти да бидат лакирани во црвено. За каросеријата стои на располагање вообичаената палета: Седум основни тонови и по десетина најразлични нијанси од нив, вклучувајќи и двобојна комбинација. Плус, боја по нарачка.
https://goo.gl/photos/p5HFzDmPGtUX81cM8
Четирилитарскиот V8 е дополнително навиен на 528 КС и 680 њутнметри. Тоа резултира со спринт до сто за 4,9 секунди и крајна брзина од 306 km/h. Оваа моќ се пренесува до сите тркала, во сооднос 40:60, со нагласок на задната оска, заради подинамични возни својства.
Mulliner: Специјална серија од специјалната серија на Bentley
Дополнителна можност за клиентите да инвестираат пари во својот превоз е верзијата Mulliner од специјалната серија. Тоа веројатно е слично на субспецијализација. Во оваа верзија, уште повеќе детали се изработени уште попедантно, особено во ентериерот. Рачната изработка се подразбира. Цената е 240.000 евра. Без екстра желби.
















