Производителите на автомобили чувствуваат последици од кризата во Крим поради девалвацијата на рубљата. Повеќето од нив гледаат излез во зголемување на локалното производство.
Автомобилските концерни ги чувствуваат првите последици од девалвацијата на рубљата, којашто е предизвикана од кризата во Крим. „Веќе чувствуваме товар од курсот на рубљата“, изјави шефот на Opel Карл-Томас Нојман за гласникот на автобраншата Аутомотив Њус. Русија е најважниот пазар за зголемување на продажбата на германската марка на General Motors. „До 2020 година Русија ќе стане најголем пазар за автомобили во Европа. До тогаш работите ќе се одвиваат како на маратон – со подеми и падови.“
Ford и Renault планираат да ги компензираат осцилациите на курсот со засилено локално производство
Ford и Renault исто така се загрижени за развојот на настаните и планираат на подолг рок да го засилат локалното производство, со цел да ги компензираат осцилациите на курсот. Шефот на Audi, Руперт Штадлер, смета дека девалвацијата на рубљата и инфлацијата ќе ги погодат првенствено волуменските производители: „Верувам дека ние во премиум сегментот ќе имаме помали последици.“ Ризикот од курсот е голем предизвик и за челниците во BMW, кои гледаат опасност од драстичното ослабнување на вредноста на руската валута.
















