Тој е најпродаваниот оригинален дел на Volkswagen. Произведен е во милиони примероци и сега одбележува четириесетгодишнина. Станува збор за кари-колбасот од Волфсбург.
Секој што има посетено штанд на Volkswagen на големите салони во Женева, Франкфурт или Париз, знае дека едно не смее да пропушти: Делот со натпис „VW-Wurst“. Тука се служи легендарниот кари-колбас на Volkswagen, кој за прв пат беше послужен во фабричките мензи на производителот уште пред 40 години. Денес, колбасот во кари сос се служи и на фудбалските натпревари на спонзорираниот фудбалски тим Волфсбург.

Германците со сета гордост на својот кулинарски специјалитет направија дури и специјални подлошки за сервирање од порцелан. За јадењето на колбасот во кари сос да биде во вистински стил, на штандот може да се побараат и посебно изработени чепкалки од сребро. Колбасот од Волфсбург имаше и политичка кариера. Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер го обожува „кари-вурстот“. На спортските натпревари исто така не смее да отсуствува овој кулинарски специјалитет што се води како резервен дел и има дури и сопствен сериски број 199 398 500 А.

Во периодот од 1974 до 2010 година, околу 70 милиони колбаси се произведоа во сопствената месарница на Volkswagen во фабриката во Волфсбург. Дневно се произведуваат до 30.000 колбаси, а продукцијата во минатата година надмина седум милиони парчиња. Кари-вурстот е втор најпродаван производ на концернот, по автомобилите. За покривање на огромната побарувачка, пефот Франческо Ло Прести, со неговиот 30-член тим неделно обработува околу 20 тони месо.
Колбасот е направен според посебен рецепт кој се држи во тајност. Денес тој може да се најде и во поголемите супермаркети во Германија, заедно со специјалниот сос од кари и кечап. Ло Прести открива дека неодоливиот вкус на колбасот произлегува меѓу другото од кусиот пат на месото до обработката, како и во изборот на месото. Колбасот на Volkswagen содржи помалку маст од другите продукти. Во меѓувреме, „кари-вурст“ е достапен и во Кина, каде што се произведува локално, но најважните состојки сепак доаѓаат од Волфсбург.
















