за

Споредба на Auto Bild: Mercedes C против Audi A4 и BMW 3

Германскиот магазин прв ги спореди трите вечни конкуренти од премиум сегментот во средната класа. Предизвикувач е новата класа С на Mercedes. Дали баварските конкуренти имаат шанси?

Во првата неофицијална споредба без бодување, во која што се решава за тронот на премиум сегментот во средната класа, се најдоа Mercedes C 250 со 211 КС, дополнително опремен со пневматска амортизација, Audi A4 TFSI Quattro со 225 КС и менувач DSG, и BMW 328i со М-пакет за оптика, 245 КС и адаптивно подвозје. Сите мотори се дволитарски со турбонатполнење, а цените на моделите на германскиот пазар изнесуваат околу 45.000 евра за Mercedes, 42.550 евра за Audi и 44.960 евра за BMW.

Магазинот ја почнува споредбата од статичките вредности: Просторна понуда, комфор на седишта и впечаток за квалитет. Чувството во Mercedes магазинот го споредува со сенаторска ложа, со детална доработка во стилот на класата Ѕ. Ракувањето е едноставно, вклучувајќи го и иновативното поле за ракување на допир што функционира исто како кај паметните телефони. Изненадувањето следува на задната клупа. Според тест-редакцијата на Auto Bild, таму се стекнува впечаток на поголема стеснетост отколку во Audi, а особено во споредба со BMW, кој покрај тоа има и најкомфорна задна клупа. Auto Bild го критикува само субјективното чувство кај Mercedes, инаку димензиите во овој простор се сосема примерни.

Шестцилиндарски мотор во оваа класа на моќност повеќе нема ниту еден од моделите. Тие се заменети со помали четирицилиндарци, поштедливи и почисти, во стилот на даунсајзингот. Менувачот во Mercedes C 250 стандардно е автоматски со седум степени, оптимиран за новата генерација на моделот, во BMW работи осумстепен автоматик од ZF, додека Audi користи седумстепен менувач со двојна спојка, во комбинација со погон на сите тркала.

Моторот во Mercedes работи култивирано и тивко, со единствена забелешка за „острото префрлување во понизок степен кога ќе се притисне посилно“. Менувачот DSG кај Audi не ги префрлува степените толку брзо и меко во автоматски модус, иако моторот е потемпераментен и врти полесно. Auto Bild повторно дава најпозитивна критика за BMW: „При високо вртежи моторот гризе посилно од агрегатите на ривалите, лесно врти и профитира од совршено дотераниот автоматик. Затоа, пак, Mercedes е во голема предност во штедливоста. Фабриката наведува просек од 5,3 литри, наспроти 6,3 литри кај BMW и 6,7 литри кај Audi – во неофицијалната споредба, Auto Bild уште не ги мери реалните вредности на потрошувачката.

Во поглед на подвозјето, единствено Audi настапува на тестот со модел со класична спортска амортизација, додека Mercedes поседува пневматска амортизација, како пионерски чекор во сегментот, а BMW вози со приспособливо подвозје. Магазинот оценува дека C 250 се управува лесно и прецизно, добро држи правец и не дава отпор во тесни свијоци. Во комфорниот модус, амортизацијата работи 20 проценти помеко и карантира комфор што е над вообичаените стандарди во класата. Возачите што повеќе сакаат спортско возење, магазинот повторно ги насочува кон BMW, со забелешка дека „комфорниот модус не постигнува оптимум и амортизацијата работи како да е поддимензионирана.“ Пофалби за работата на подвозјето во спортскиот модус: „Одушевува управливоста, првенствено поради тоа што комфорот не останува кусо. BMW амортизира стегнато, но благодарение на крутата амортизација, ниту посилните удари не го вадат од баланс.“ Audi веќе гипокажува годините во овој дел од споредбата, со тенденцијата да продолжи право во тесни свијоци и со слабата повратна информација во управувањето. Комфорот исто така не е силна страна на Audi: А4 тресе на лоши патишта и се клати на долги нерамнини.

Auto Bild задржува резервираност за првите впечатоци од неофицијалната споредба. Вистинското одмерување на силите ќе се случи дури при стандардната споредба на магазинот, со прецизно бодување во сите подрачја. На крајот, авторот заклучува: Класата С стана покомфорна и зрачи со висок квалитет. Штета за неа е само тоа што конкуренцијата од Минхен моментно е премногу добра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Данска: Поголем брзински лимит за поголема безбедност?

Колбасот во кари сос на Volkswagen се прави веќе 40 години