Според податоците на германските осигурители, лани се крадел по еден каско осигуран автомобил на секој половина час или вкупно 17.895 автомобили за цела година. Најинтересни за крадците се Land Rover и Audi, најмалку Opel.
Повторно пристигаат статистики од германскиот пазар на автомобили што можат да им влеат надеж на регионалните посредници дека евтино ќе дојдат до „евтин“ примерок за работа. Асоцијацијата на германските осигурителни компании пресмета дека лани се крадел по еден автомобил со каско осигурување на секои 30 минути. Од оваа динамика на работа, произлегува дека крадците на автомобили во текот на целата ланска година украле 17.895 возила.
Иако бројот на украдени автомобили во Германија е намален за 4,8 проценти, осугирителните компании морале да им исплатат на своите клиенти речиси иста висина на отштета како во текот на 2013 година, односно вкупно 262 милиони евра. Причината е во тоа што просечната вредност на украден автомобил изнесувала 14.650 евра и тоа е нов рекорд на германскиот пазар.
Најмногу возила се отуѓуваат во Берлин. Во текот на минатата година, само во германската престолнина се украдени преку 3.100 возила, што значи дека на секои 1.000 автомобили со каско осигурување, дури 3,5 автомобили непланирано „го напуштаат“ законскиот сопственик. Најспокојни можат да бидат жителите на Баварија, каде што лани се украдени само 800 возила, односно 0,1 автомобил на 1.000 каско осигурани автомобили. Во просек, на територијата на Германија, степенот на кражби лани изнесувал пет на 10.000 регистрирани автомобили.
Најпопуларни кај крадците се Land Rover и Audi, најмалку популарен е Opel
Моделите на Land Rover и Audi остануваат напред на списокот на најпопуларни модели за кражба. Само од моделот Range Rover 3.0 TD лани биле украдени 150 примероци, што значи дека дури 57,4 примероци од овој модел завршуваат украдени на секои 1.000 примероци. За целата британска марка, коефициентот на кражба изнесува 4,5 на 1.000 возила. На второто место останува Audi, со коефициент 1,2. На крадците најмногу им фаќаат око спортските лимузини Audi S5 и S4.
Најмалку причина за загриженост имаат сопствениците на автомобил од марката Opel. Во текот на целата ланска година од оваа марка биле украдени само околу 500 возила, односно 20 проценти помалку отколку во 2013 година. Коефициентот тука изнесува 0,1, што значи дека од секои 10.000 каско регистрирани возила од марката Opel, се краде само едно возило.
Покрај патнички автомобили, во Германиоја лани биле украдени уште 12.563 возила од други категории, вклучувајќи 7.226 мотоцикли и 1.854 товарни возила. За вкупно 30.458 украдени возила, осигурителите исплатиле отштета од 356,5 милиони евра.
kras
















