за

Норвешка има електрични автомобили, но го има и Zyrus

Основата на овој автомобил е Lamborghini Huracan, со моќност зголемена на 1.200 КС. Норвешкиот болид смее да се вози во обичен сообраќај.

ZYRUS-LP1200-Strada

Zyrus не е од оние кичести суперавтомобили што служат за привлекување внимание по булевари и пред кафулиња, туку е автомобил што има директна врска со мотоспортот.

Техничарите на норвешкиот Zyrus, по две години во тестирање и повеќе од 6.000 километри по тркачка патека, ја израдуваа светската сцена со комплетно новиот LP1200 Strada, како нивна замисла за автомобил што треба да се вози по обични улици.

Оваа „патничка“ варијанта на Zyrus произлегува од тркачките болиди со коишто компанијата учествува во прочуениот скандинавски GT+ шампионат. Моќност што се изразува со четирицифрени вредности е сосем вообичаена за тркачката серија. Со твин-турбо V10 со 1.200 КС и со комплетен арсенал од спојлери, LP1200 Strada вози под „притисок“ од 2.010 килограми при брзина од 200 километри на час. Тоа во голем дел ги објаснува исклучителните вредности на странично забрзување што може да ги постигне норвешкиот Lambo.

Повеќе од 600 компоненти се сменети од стандардниот Lamborghini Huracan LP640-4

За стандардните 640 КС на Huracan LP640-4 да пораснат на 1.200 КС, секако дека беше потребна мајсторска работа. Системот за впрскување гориво е комплетно нов, ладилниците за масло и за вода се изработени според стандарди за мотоспорт, исто како и вшмукувачката гранка. Главната работа сепак ја завршува турбонатполнењето, заедно со контролна електроника од Motec.

New item by Automedia MK / Google Photos

Техниката на „уличната“ изведба на Zyrus е идентична со тркачките болиди, единствено е додадена цивилна програма за возење. Сé додека возачот не го притисне специјалното копче, норвешкиот екстремист работи со само 900 КС. Кога ќе се активира полната моќност и сите 1.200 КС ќе стојат на располагање, во исто време и инструментите се претвораат во дисплеј што ги прикажува телеметриските податоци, исто како на трките.

Тоа значи дека Zyrus LP1200, освен малку сменетото мапирање на моторот и профилираните гуми, практично не се разликува од тркачкиот болид во скандинавскиот GT+ шампионат. Тоа важи и за школката што во најголем дел е изработена од карбон, како и за каросеријата што целосно е карбонска. Така е сосем разбирлива тежината од само 1.427 килограми, што е 157 килограми повеќе од Trofeo. Екстра килограмите доаѓаат од дополнителните механички компоненти, но и од преработката на каросеријата.

New item by Automedia MK / Google Photos

Што се однесува до цената, Норвежаните бараат по 595.000 евра за секој еден од вкупно 12-те примероци што ќе ги изработат од LP1200. Во цената е вклучен и еден ден на тркачка патека, за запознавање на возилото, со асистенција на техничарите на компанијата.

>>> Норвешка првпат регистрираше повеќе електрични од обични автомобили

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia Stinger подобар „кватропорте“ и од Maserati

Kia Stinger подобар „кватропорте“ и од Maserati

Toyota Gazoo претпазливо низ маратонската етапа на Дакар

Toyota Gazoo претпазливо низ маратонската етапа на Дакар