за

Ставивте зимски гуми на велосипедот?

Зимските гуми се сосем нормална ставка кај автомобилите. Секако дека предностите на зимските гуми важат и при возење велосипед.

Во продавница за велосипеди денес никој нема да се чуди ако побарате зимски гуми за велосипедот. Најголемиот европски автоклуб ADAC тестираше осум специјални зимски гуми за велосипеди, вклучувајќи и гуми со спајкови.

Две тркала и снег или мраз не се добра комбинација. Но, пазарот секогаш нуди решение. За опасноста од лизгање и пад при возење велосипед по снег или мраз да се намали, пазарот на велосипедски прибор сé помасовно нуди зимски гуми. Автоклубот ADAC и овојпат дава одговор. На тестирањето на осум специјални зимски гуми за велосипеди се докажа дека контактот со подлогата се подобрува значително.

Предностите од користење зимски гуми кај автомобилите се неоспорни. Кога нивната конструкција, што главно се однесува на газечкиот профил, и нивниот материјал, толку се делотворни што зимските гуми можат да заменат синџири при возење по мраз и снег, значи дека сепак не се работи само за убедување. Зимски гуми во меѓувреме станувааат вообичаена ставка и во продавниците за велосипедска опрема.

Тестираните зимски гуми Schwalbe Marathon GT 365, Continental Top Contact Winter, Michelin Star Grip и Nokian Rollspeed W поседуваат помека мешавина во составот и соодветен профил. Меѓу нив не постојат големи разлики, но за сите е заедничко тоа што постигнуваат значително поодбар контакт со подлогата отколку летните гуми. За споредба се користени летни гуми Schwalbe Marathon.

Несекојдневна сцена: Монтирање зимски гуми на велосипед

New item by Automedia MK / Google Photos

Должината на патот на сопирање во просек се скусува за 16 проценти. На мраз сепак можат да помогнат само зимски гуми со клинци, жаргонски спајкови. Проблемот кај нив е во тоа што возењето со нив по асфалт е непријатно. ADAC препорачува тие да се користат само кога улиците не се исчистени или кога главно се вози по снег.

Производителот од Скандинавија Retyre нуди иновативно решение за велосипедистите да бидат подготвени за сите услови на возење во зима. По потреба, над летната гума се навлекува „втора кожа“ со зимски профил и со спајкови. Самото поставување е многу лесно, со помош на патент. Овие гуми со својата приспособливост нудат оптимални својства на секаква подлога и со тоа се во предност од останатите зимски гуми на тестот, коишто беа опремени со спајкови: Schwalbe Marathon Winter Plus, Continental Contact Spike 240 и Kenda Klondike Skinny.

Клубот препорачува притисокот во гумите при возење по снег или мраз да се намали на околу 2 до 3 бара, за на тој начин да се постигне поширока газечка површина врз подлогата. Треба да се внимава и на дозирањето на предната сопирачка, особено ако се вози со спајкови. Облека со рефлектирачки делови, како и шлем, секако дека не смее да се изоставуваат, зиме и лете.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во прилог и еден видео-тест од специјалисти за возење во зимски услови

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шпедитерскиот гигант DB Schenker нарача 1.500 електрични камиони

Kia Sportage и во октомври најпродаван автомобил во Македонија