Автомобилите на иднината управуваат сами, интелигентни се, возат на струја и комфорно. Добавувачот Webasto изработи футуристички студиски автомобил за салонот ИАА Мобилност во Минхен, снабден со сета технологија со којашто располага компанијата.
Салоните на автомобили го добиваат вистинскиот дух преку студиите со необичен дизајн што се преполни со нова технологија и со креативни замисли. Концептниот автомобил од Webasto за салонот во ИАА ги соединува во еден автомобил сите групи на производи што добавувачот ги има во својата понуда. Тоа почнува од иновативен покрив во когошто е сместена сета техника за автономно возење, преку ефикасен систем за греење за електрични автомобили, до батерија што е од сопствено производство.
Големиот панорамски покрив се води како Roof Sensor Module и во него се вградени сензорски системи, како лидар и камера за автономно возење. Идејата за вградување на техниката во покривот е на тој начин истата да се постави на највисоката можна точка и со тоа да се обезбеди подобра „прегледност“ за техниката.
Лидарот е уред што служи за динамично тридимензионално снимање на средината. Тој е придружен со камери што ја комплетираат сликата од лиодарот, преку прецизно препознавање на објектите, како и детектирање на сообраќајни знаци и улична сигнализација. Посебен е материјалот што дозволува техниката да се вгради во покривот. Станува збор за поликарбонат, што е полесен и поцврст од стакло, а воедно се обликува полесно и има одлична пропустливост за зраците од сензорите.
Шоу-автомобилот на Webasto располага и со високонапонски грејач. Тоа е систем за греење со вода, наменет за електрични и хибридни возила со високонапонска мрежа, што не располагаат со мотор со внатрешно согоривање што испорачува топлина, па таа мора да се создава посебно. Уредот е компактен и постигнува ефикасност од 99 проценти.
Во погонската спрега работи батерија од сопствено проиводство, што е дел од соработката со Kia. Од следната година, корејскиот производител ќе стартува со производство на батерии на Webasto во Дангџин. Таму моментно се гради првата голема фабрика за батерии во регионот, по пример на фабриката на Webasto во Ширлинг. Баварската фабрика произведува батерии за камиони и автобуси уште од 2017 година.















