за

Волво со рекордна продажба во 2023 година, над 700.000 возила

Волво постави нов продажен рекорд во минатата година, со 708.716 возила или за 15 проценти повеќе во споредба со преклани.

Според шведскиот производител, рекордната продажба се темели врз високата побарувачка за електрични модели и врз подобреното снабдување со компоненти, по надминувањето на глобалната чип криза.

Волво постигна голем раст во продажбата на своите електрични и хибридни модели. Лани се продадени 113.419 целосно електрични автомобили, што претставува зголемување од 70 проценти во споредба со 2022. На тоа се надоврзуваат уште 152.561 автомобили со приклучен хибриден погон, за 10 проценти повеќе отколку една година порано.

Целосно електричните автомобили сочинуваат 16 проценти од вкупната продажба на Волво.

Само во декември, Волво продаде 76.016 автомобили на светскиот пазар, за пет проценти повеќе од истиот месец во ’22 година.

Во Европа се продадени 294.794 автомобили, за 19 проценти повеќе од преклани. Моделите од потсемејството Ричарч, каде што спаѓаат батериските и хибридните модели, учествувале со дури 59 проценти во продажбата на Волво на европскиот пазар.

На пазарот во САД биле продадени 128.701 возила, што претставува раст од 22 проценти. Уделот на моделите Ричарч се зголемил за 28 проценти и исто така учествува со 28 проценти во продажбата на Волво на американскиот пазар.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Volvo Cars (@volvocars)

За пет проценти напредувала и продажбата во Кина, со продадени 170.091 возила. На моделите Ричарч, продажбата им напредувала за 26 проценти во периодот од јануари до декември.

Најпродаван и натаму е СУВ-моделот од средната класа Икс Це 60, со продадени 228.646 возила (2022: 195.338 возила. Втор е компактниот СУВ-модел Икс Це 40, со вкупно 200.670 возила (2022: 169.206 возила). Луксузниот Икс Це 90 достигнал 107.549 возила (2022: 97.130 возила) и со тоа е трет најпродаван модел на Швеѓаните.

Модели Продажба 2023
C40 37114
EX30 639
S60 III 40153
S60L
S90 49283
V40
V60 CC II 8123
V60 II 22315
V90 7122
V90 CC 7102
XC40 200670
XC60 II 228646
XC90 II 107549
Вкупно 708716

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Австралија имаше рекордна 2023 во купувањето автомобили

Секој ден е Рели Дакар со ова Ауди, електрично