Tiguan го презеде од Golf местото на најпродаван модел од концернот Volkswagen, а ја понесе и титулата на најпродаван СУВ во Европа. Секој ден во просек се изработувале по 2.495 возила лани, еден Tiguan на секои 35 секунди.
Volkswagen Tiguan пролетва надмина продукција од шест милиони примероци. Само лани биле произведени 910.926 примероци. СУВ-моделот стана најпродаван автомобил од марката и од целиот концерн Volkswagen. Титулата на најпродаван СУВ во Европа исто така му припаѓа на овој модел, кој се продава во 80 проценти од сите држави ширум светот. Tiguan се држи добро и во светски рамки, кадешто е трет модел во овој сегмент.
Лани во просек излегувал по еден примерок на секои 35 секунди во една од фабриките за Tiguan. Првата генерација беше претставена во 2007 година, на салонот во Франкфурт. Оттогаш продажбата напредува рапидно. На домашниот пазар, тој секако дека уште од старт ја освои позицијата на најпродаван СУВ. По четири години од стартот следеше моделско освежување, а набрзо потоа „падна“ и звучната граница од половина милион примероци.
Преоѓањето на системот од заеднички компоненти MQB му донесе уште попросторна кабина на Tiguan, заедно со напредни системи за асистенција
Втората генерација на Tiguan беше претставена пред точно четири години. Најголемиот новитет беше во преоѓањето на платформата MQB, односно овој систем од заеднички компоненти што го користат сите модели во концернот со попречно вграден мотор и менувач, од 2012 година наваму.
Во 2017 година пристигна изведбата XL, со меѓуоскино растојание зголемено за 11 сантиметри, со седум седишта. Оваа верзија му донесе уште поголем пазар на моделот. Моментно 55 проценти од целата светска продукција на Tiguan отпаѓа на верзијата XL. Во Америка, тоа е единствената достапна верзија. На европските пазари, оваа изведба се нуди под името Tiguan Allspace. Во октомври 2018, посебно за кинескиот пазар беше развиена изведба со плагин-хибриден погон.
Tiguan се произведува во Волфсбург, во Калуга (за рускиот пазар и за централна Азија), во Шангај (Tiguan L) и во Мексико (исто така во продолжената верзија, за Северна и Јужна Америка, Европа, Африка, Азија и Океанија.
Годинава ќе следи моделско освежување, за коешто се најавуваат и важни технички промени. Најважната меѓу нив ќе биде воведување на плагин-хибридна верзија, со погонот од Golf и Passat GTE.
https://photos.app.goo.gl/2PVpFAJS4f8pJZzG8
https://www.instagram.com/p/B_KsaLmnYoO/
















