Одделението за специјални нарачки на Porsche, заедно со дизајнерите во развојниот центар во Вајсах, нудат нова изведба за кабината на Porsche 911. Станува збор за кожен ентериер, со посебно ускладени бои, материјали и неколку специфични детали во изработката.
Новата ексклузивна изведба на ентериерот може да се нарача за сите моделски изведби во гамата на Porsche 911. Меѓу површините што посебно се обработени спаѓаат и штепуваниот средишен дел на седиштата, заедно со штепувани облоги на вратите и уште бројни други подрачја што се предмет на работа за ексклузивното одделение на Porsche.
Девет од секои десет испорачани примероци од целата моделска серија на Porsche 911 се изработуваат со личен печат од сопствениците, додека дури една четвртина од испораките од серијата се посебно доработени во прочуената Porsche Exclusive Manufaktur, како што е името на одделението за специјални нарачки. Новиот кожен ентериер е само уште една ставка во понудата што опфаќа 700 позиции.
За почеток се нудат четири комбинации од бои, постепено ќе се додаваат нови
Двобојниот ентериер може да се нарача во комбинација бордо/креда, црна/шифер сива, шифер сива/исланд зелена и графитно сина/мохаве беж. Со боите се нагласува 2+2 конфигурацијата на седиштата. Украсните штепови, заедно со впечатчивата обработка на воланот, се изведени во контрастна боја и ставаат посебен печат.
Меѓу останатите детали се печатот на Porsche Exclusive Manufaktur на преградата во средишната конзола, втиснатиот грб на Porsche на потпирачите за глава и водилките за безбедносните ремени во Race-Tex кај купе-изведбата.
Станува збор за рачна изработка од врвни мајстори, кои работат со избрани материјали и во соработка со дизајнерите на спортската куќа. Врв на работата на Porsche Exclusive Manufaktur се сериите во ограничен број примероци – по соодветна цена, секако.