за

По Golf, Volkswagen: Волфсбург го има најпродаваниот електричен автомобил во Европа

Од почетокот на продажбата, Volkswagen има добиено над 144.000 нарачки за електричниот ID.3. Половината од купувачите првпат возат автомобил од марката.

Volkswagen ID.3 е најпродаван електричен автомобил во август ’21 во Европа. Купувачите се решаваат за електричниот „голф“ најмногу поради заштитата на животната средина, иновативноста и широката сервисна мрежа на марката.

По една година на европскиот пазар, менаџментот на Volkswagen е мошне задоволен со пазарниот интерес за електричниот ID.3. Директорот за продажба, маркетинг и постпродажба, Клаус Целмер, заклучува дека „автомобилот е апсолутен погодок“. Директорот понатаму открива дека првиот модел на струја, изработен врз посебна платформа од традиционалните модели на Volkswagen, привлекол многу повеќе возачки и возачи од останатите марки, отколку кој било друг модел на марката. Од вкупно 144.000 пристигнати нарачки за ID.3 досега, повеќе од 70.000 нарачки се од клиенти што претходно возеле автомобил од друга марка.

Колку е поубедлив VW ID.3 во привлекувањето клиенти од другите марки, зборува фактот што кај останатите модели на марката, уделот на возачки и возачи што првпат седнуваат во свој Volkswagen изнесува 36 проценти. Електричниот компакт во август бил најпродаван модел со овој вид погон во Германија, Велика Британија, Ирска, Австрија и Швајцарија.

Дневно се произведуваат по 1.200 примероци од Volkswagen ID.3 во две фабрики

Дневната продукција во фабриките во Цвикау и Дрезден изнесува 1.200 возила. Во фабриката во Цвикау се оптоварени двете производствени ленти, во три смени дневно. За пазарот во Кина, неодамна стартуваше локално производство што од есенва ќе го покрива големиот пазар во земјата.

Во анкета спроведена од самиот производител, луѓето се решаваат за моделот најмногу поради неговата еколошка погодност (60%) и иновативната технологија (51%). За бројни клиенти е важна и сигурноста на широката трговска и сервисна мрежа на Volkswagen.

Во близу 80 проценти од домаќинствата, ID.3 е најкористено возило во семејниот возен парк. Околу 70 проценти од клиентите користат строго еколошка струја, којашто честопати ја произведуваат и сами, преку фотоволтаички панели.

До 2030 година, најмалку 70 проценти од продажбата на Volkswagen во Европа ќе отпаѓа на чисто електрични автомобили. Тоа е далеку над еден милион возила годишно.

>>> Volkswagen ID.3 ја тестира електромобилноста во Македонија

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Chevrolet Corvette стартува со испорака во Европа

Toyota во ноември претставува нов Aygo