Цел грчки остров ќе користи најразлични електрични возила од концернот Volkswagen и ќе применува најсовремени системи за мобилност. Островот е Астипалеа, дел од архипелагот Додеканиа, заедно со Родос, моментно со околу 1.500 возила со обичен погон и примитивен енергетски систем.
Концернот Volkswagen се договори со грчките власти околу создавањето напреден систем за мобилност на егејскиот остров Астипалеа. Возилата на островот ќе се заменат со електрични, а енергијата ќе доаѓа од обновливи извори. Во подолг рок, островот далеку на Јужниот Егеј ќе служи како пример за мобилност што не ѝ наштетува на климата.
Системот за мобилност ќе се состои од Car-Sharing и Ride-Sharing. Во првиот случај станува збор за возен парк од јавно достапни возила, кои се користат неколку минути или часови, по што се оставаат на бројните предвидени паркиралишта и се плаќа точно за времетраењето на користењето, што значи и на минута. Во вториот случај, корисниците преку апликација се пријавуваат дека имаат потреба од превоз, по што пристига шоферирано возило со повеќе патници, а специјален софтвер оптимално го пресметува итинерерот земајќи ги предвид одредиштата на сите патници.
Целта е на овој начин да се намали и да се подобри сообраќајот. На островот моментно се регистрирани околу 1.500 возила. Со проектот на германскиот концерн, возниот парк ќе се намали на 1.000 возила. Енергијата ќе биде од локално потекло, од соларна и ветерна енергија. Проектот во почетокот е предвидено да трае шест години.
https://photos.app.goo.gl/W4U3rHUwjycqLDe66
Системот на Ride-Sharing ќе го замени автобускиот превоз, кој моментно е слабо организиран. Во соработка со локалните рентакар-компании ќе се изведе Car-Sharing со електрични автомобили, а истиот систем ќе се примени и за електричните скутери на Seat, како и за електрични велосипеди.
Освен електричните автомбоили од типот на ID.3 и ID.4, Volkswagen на грчкиот остров ќе користи и електрични камиони. Возилата на полицијата, на брзата помош и на администрацијата, исто така ќе се заменат со електрични. Секако дека проектот опфаќа и целосно покривање со полначи за струја.
Астипалеа годишно пречекува во просек по 72.000 туристи. Јавниот превоз на островот со 1.300 жители и површина од 100 километри квадратни (колку скопски „Карпош“), моментно се состои од два автобуси.
















