Фолксваген пред одлука да продава ЕВ со помошен мотор во Европа

Концептот Фолксваген ИД ЕРА, еден од трите модели што марката ФВ ги прикажа на салонот во Шангај. Електричниот погон е дополнет со продолжувач на досег, развиен заедно со САИЦ.

Овој вид на погон одамна ѝ е познат на сцената и се води под кратенката ЕРЕВ. Станува збор за електрични возила, во коишто е додаден бензински мотор, што работи како генератор и произведува електрична енергија за погонскиот електромотор и за полнење на батеријата. Со вклучувањето на бензинецот, откако ќе се испразни батеријата, може да се постигне значително подолг досег отколку само со енергијата во батеријата.

Единствените два модели ЕРЕВ што може да се купат на европскиот пазар се од Липмотор, кинескиот партнер на Стелантис, и од Мазда, конкретно М Икс 30 Р-ЕВ. Останатите производители исто така имаат искажано позитивни ставови околу овој вид погон. Електричните возила со продолжувач на досег се посебно интересни, откако ЕУ ги заостри ограничувањата за емисијата на ЦО2 и при нивно надминување ќе наплаќа скапи казни.

Извршниот директор на концернот Фолксваген, Оливер Блуме, ѝ порача на ЕУ дека треба да ги изземе ЕРЕВ од планот за престанок на продажба на автомобили со мотор со внатрешно согорување по 2035 година. Директорот посочи дека е потребно да се дозволи поголема флексибилност околу емисијата на ЦО2.

„Кога имате продолжувач на досег, и натаму возите електричен авотмобил, но долгиот досег може да ја спушти пречката што ги попречува купувачите да се решат за електрично возило,“ изјави Блуме на настанот што групацијата Фолкваген го одржа во Шангај, во предвечерието на салонот. ФВ тука го прикажа својот прв ЕРЕВ, што ќе се продава во Кина.

„Тоа може да биде привлечна технологија и за Европа,“ изјави Блуме пред новинарите.

Концернот Фолксваген на вообичаен начин ги прикажа сите свои новитети на Ауто Шангај 2025, на посебен настан во предвечерието на салонот

Фактот што повеќето од моделите со продолжен досег се конструирани врз платформа што првенствено е наменета за електричен погон, место за погон со мотор со внатрешно согорување, треба да ја убеди ЕУ, за овие возила да добијат подолг век во производство, кажува Блуме.

„Би сакал да ги имаме и по 2035 година“, кажа Блуме. „Верувам дека можеме да учиме од Кинезите, колку прагматично размислуваат тие.“ Кина направи притисок врз своите производители на автомобили, за тие да се префрлат на електричен погон, меѓутоа не им одреди краен датум, по којшто нема да се продаваат возила со мотор со внатрешно согорување.

Концептот ИД ЕРА на Фолксваген го најавува идниот ЕВ со продолжен досег за Кина

Концептот ИД Ера на што Фолксваген го прикажа во предвечерието на Ауто Шангај, најавива голем СУВ со три реда седишта, и секако, електричен погон со продолжен досег, односно мал бензинец како генератор. Во развојот учествуваше партнерот САИЦ. Германскиот производител соопшти дека досегот со електричен погон изнесува 300 километри, меѓутоа со бензинецот се постигнуваат уште 700 километри.

Фолксваген нема намера во Европа да го продава погонот со продолжен досег што го разви во партнерството ФВ-САИЦ. Место тоа, концернот ќе развива сопствен погон, соопшти Зандер, без да објави поединости. Марката Скаут од САД, што исто така е дел од концернот, развива погон ЕРЕВ за своите теренски модели.

За популарноста на овој вид погон во Кина најмнногу придонесе премиум марката Ли Ауто, којашто комбинира голема батерија и 1,5-литарски бензинец. Повеќето големи производители во Кина лансираа или развиваат технологија со продолжен досег, меѓу нив Џили, Чери, Липмотор, Шаопенг и Чанган.

Концептот ИД Ера минува 300 километри на батерија, потоа уште 700 километри на бензин

Европските марки, вклучувајќи ги Мерцедес-Бенц и БМВ, претходно се откажаа од технологијата, откако извршија обемни тестирања и заклучија дека приклучниот хибриден погон е подобро преодно решение во насока на целосно електричен погон.

Технологијата ЕРЕВ се „препороди“, вели извршниот директор Оливер Блуме

Блуме сепак цени дека брзината на развој на новата технологија на електричен погон овозможи електричните автомобили со продолжен досег да имаат смисол. „Со способностите на новите електрични автомобили, многу е покомфорно“, вели шефот на концернот, Блуме. „Може да се каже дека тоа е препород“.

Стелантис пушти пикап со погон ЕРЕВ во САД. Годинава ќе стартуваат нарачките за Рам 1500 Рамчарџер. Тој располага со батерија од 92 кВч и вкупен досег од 690 милји, односно преку 1.100 километри.

Во Европа, Липмотор го нуди СУВ-моделот од средна класа Ц10 РЕЕВ по иста цена со чисто електричниот модел. Погонот располага со 1,5-литарски бензинец, што ја полни батеријата од 28,4 кВч. За споредба, електричниот Ц10 има батерија од 69,6 кВч.

Мазда го нуди вториот РЕВ-модел што е достапен во Европа, тоа е М Икс 30 Р-ЕВ, со батерија од 17,8 кВч и ванкел мотор со зафатнина од 830 сантиметри кубни.

Претходна објаваДачиа Сандеро пак го претрка Пежо 208 за насловот на најпродаван автомобил во Европа во март
Следна објаваТоп 10 најпродавани модели во Европа по сегменти (Дел 1): Градски, компакти, мини, средна класа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here