за

Volkswagen Caddy: Пет генерации на транспортерот што пренесе пола свет

Volkswagen Caddy 4 генерации
Volkswagen Caddy 4 генерации

Германците се вешти во користењето на симболиката. Кога Volkswagen Caddy почна да ја брои петтата деценија од премиерата, производителот ја прикажа петтата генерација на моделот. Секако станува збор за возило што сите го имаат видено и сите знаат каква е неговата улога, поточно улоги. Тој е транспортер, најчесто низ град, кој бил во најразлични функции, од брза достава на поштенски пратки, преку превоз на печива и слатки, до транспортер за големите семејства.

Првиот Caddy не беше Caddy, туку беше Rabbit, и тогаш уште возеше како пикап. Тој во 1978 година почна да се симнува од производствените ленти во Питсбург, Пенсилванија. Оттогаш се произведени повеќе од три милиони примероци. Новиот модел од петтата генерација на Caddy доживеа голема премиера во февруари.

Caddy 1: 1978-1992

Вкупно продадени примероци: 207,000
New photo by Automedia MK / Google Photos

Историјата на Caddy почнува во САД, кадешто почна да се произведува во 1978 година, како Rabbit. Пикапот пристигна на европскиот пазар во 1982 година, откако почна неговото производство во Сараево, под новото име Caddy.

Корисниците го ценеа товарниот простор долг 1,83 метар. Често се доплаќаше за надградба од фиберглас, со којашто малечкиот пикап се претвораше во лесно доставно возило. Првата генерација, базирана врз Golf I, се произведуваше во Европа до 1992 година, но продолжи во Јужна Африка до 2007.

Caddy 2: 1995-2003

Вкупно продадени примероци: 520,000 (заедно со SEAT Inca и Skoda Felicia)

Втората генерација се појави во 1995 година, врз основа на SEAT Ibiza и Volkswagen Polo. Заедно со близнакот SEAT Inca, транспортерот се произведуваше во Марторел, Шпанија. Caddy ексклузивно беше достапен во верзија со транспортен капацитет зголемен на 2,9 метри кубни. Во 1996 година беше лансиран пикапот од чешко производство, базиран врз Škoda Felicia. Една година подоцна следеше и Caddy Family, како предводник на идниот бран MPV-возила.

Caddy 3: 2003-2014

Вкупно продадени примероци: 1,6 милион

Третата генерација на Caddy од 2003 година беше комплетно нова и базирана врз Golf V и Touran. Производството се пресели во Познан, Полска. Со капацитет од 3,2 метри кубни, Caddy првпат беше достапен со задни врати или со голем едноделен капак.

Во MPV-верзијата со седум седишта, Caddy беше совршено возило за младите семејства. Имаше и верзија за кампување, а по него и Caddy Maxi, со продолжена каросерија и со премиера во 2007 година. Со должина од 4,88 метри, наспроти стандардните 4,41 метри, Maxi беше вистински хит.

Продажбата порасна рапидно до 2010 година и достигна 856.000 примероци. Тогаш се случи и големо моделско освежување, вклучувајќи верзија со погон на сите тркала, премиерно во сегментот. Уште една нова верзија беше Cross Caddy во 2013 година, со стилски и функционални елементи на теренец.

Caddy 4: 2015-2020

Вкупно продадени примероци: 722,000

Четвртата генерација беше достапна како фургон, комби и патничко возило, со две, пет или седум седишта. Верзијата со погон на сите тркала стана Caddy Alltrack.

Caddy 4 донесе голем напредок во комфорот и безбедноста.

Caddy 5: 2020-

New photo by Automedia MK / Google Photos

Новиот модел доживеа премиера во февруари, по 40 години од стартот во САД и по три милиони примероци. Постигнат е голем напредок во техологијата, конективноста и безбедноста, како резултат на новата платформа. Во најголемата товарна изведба со капацитет од 4,0 метри кубни има место за две европалети да се натоварат странично. На располагање стојат и вкупно 19 системи за асистенција.

Volkswagen Caddy e „голфот“ меѓу доставните возила

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Забавувањето на авто пазарот ги погодува и производителите на чипови

Забавувањето на авто пазарот ги погодува и производителите на чипови

Bentley Mulsanne Highlights

Bentley со ново видео го прославува знаменосецот Mulsanne