за

Volkswagen со два новитета на македонскиот пазар

volkswagen arteon porsche makedonija

Порше Македонија ги претстави новата генерација на Volkswagen Polo и новодојденецот Arteon кој ги заменува купе-лимузината CC и луксузниот крстосувач Phaeton.

Volkswagen ја обновува својата понуда на македонскиот пазар со два модела од спротивните краеви на гамата. Polo во шестата генерација вообичаено пристига во сенка на Golf, но токму сенката на поголемиот брат ја користи како предност. На спротивниот крај, како модел позициониран над Passat, пристига комплетно новото моделско име Arteon. Купе-лимузината го заменува претходникот CC, но прави уште еден чекор понапред и навлегува во просторот што некогаш му припаѓаше на крстосувачот Phaeton.

Како што објаснува Златко Муцунски, генерален директор на Порше Македонија, „двата автомобили се различни и неспоредливи, но сепак исти во својот врвен квалитет, современ дизајн и софистицирана технологија. Едниот ќе ги помести границите во автомобилскиот свет, а другиот ќе им посака добредојде на една нова генерација млади, динамични луѓе.”

Volkswagen Polo GTI со 200 КС на врвот во гамата на помалиот брат на Golf

Основната моделска изведба на Volkswagen Polo, со еднолитарски бензинец со 75 КС и ниво на опрема Trendline, чини 13.902 евра. Во понудата од бензински мотори влегуваат уште 1.0 TSI со 95 КС и 115 КС, додека дизелите се достапни како 1.6 TDI со 80 КС (16.544 евра во Trendline) и 1.6 TDI со 95 КС. Повеќето од погонските изведби може да се комбинираат со менувач DSG. Врвот му припаѓа на Polo GTI со дволитарски мотор со 200 КС и цена од 23.142 евра.

Стартот кај Arteon чини 38.343 евра, за основната верзија со дволитарски TDI со 150 КС. Гамата на купе-лимузината ја заокружува Arteon 2.0 TSI со погон на сите тркала, менувач DSG и 280 КС, со цена од 59.030 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Hennessey Venom F5

Hennessey Venom F5 со амбиции да го победи Chiron

suzuki swift edno od deset

Едно на секои десет малечки возила во светот е Suzuki