Марката Volkswagen го признава значењето на кинескиот пазар со светската премиера на концептот CrossBlue Coupe на салонот во Шангај.
Купе изведбата на концептот CrossBlue ги потврдува шпекулациите од претходните месеци дека Volkswagen наскоро ќе ја проширува понудата на теренци со моделски изведби кои се ориентирани на дизајн и животен стил. Тоа што за BMW се X6 и идниот X4, за Volkswagen ќе бидат купе изведбите на Tiguan и на Touareg.
Впечатливата појава на CrossBlue Coupe се темели на спојот од три различни пораки на дизајнот. Купето оддава робусност на теренец, има спортски пропорции на брза лимузина и во исто време додава блага нишка на елеганција во водењето на линиите на каросеријата. Кога новата генерација на Tiguan ќе доживее премиера во 2014 година, изгледот на компактниот теренец во голема мера ќе биде инспириран од CrossBlue Coupe.
Хибридниот погон веќе се подразбира во концептите со кои што производителите ги најавуваат своите идни модели. Погонот на Coupe се состои од V6 турбо бензинец со директно впрскување и два електромотора. Максималната системска моќност изнесува 415 КС. Ако се повика полниот потенцијал на погонот, спортскиот теренец забрзува до темпо 100 за 5,9 секунди и продолжува до 236 km/h.
Според новиот циклус за одредувње на потрошувачката, CrossBlue Coupe во просек троши 3,0 литри на сто километри, односно 6,9 литри при самостојна работа на бензинецот. Батериите дозволуваат купе теренецот од 4,9 метри да вози до 33 километри со погон на струја, при максимално темпо од 120 km/h.
Кабината нуди простор за петмина и максимална големина на багажниот простор од 1.101 литар, ако е соборена задната клупа. Посебност во кокпитот се копчињата кои што реагираат на допир. За забава на патниците на задната клупа се грижат мини iPad вградени во потпирачите за глава на предните седишта.
[nggallery id=28]