Додека продажбата на патнички автомобили трпи последици од кризата, сосем е поинаку кај доставните возила. Многу работа се отвори околу домашната достава на храна и други производи. Доставата бара повеќе возила, британските онлајн-огласници пријавуваат продажен бум.
Последните статистики за британскиот пазар откриваат дека уделот на продадени доставни возила преку онлајн-огласниците, во март се зголемил 20 пати (и со зборови, дваесетпати!) во вкупната продажба на возила, во споредба со периодот пред корона-кризата. За една третина се зголемил и бројот на пребарувања за доставните возила.
Причина за нагло зголемената продажба е соодветниот пораст на побарувачката за домашна испорака, поради мерките за изолација. Голем број ресторани, како и служби за достава, одеднаш се соочија со сосем нов предизвик, а тоа е речиси целосна преориентација на испорака на храна и други производи до домот.
Според статистиката што ја води Гугл, бројот на возења до продавниците или до центрите за рекреација во март се намалил за 85% во споредба со истиот месец лани, додека кај возењата до супермаркетите и апотеките било забележано намалување за 46 проценти.
Администраторите на онлајн-огласниците за автомобили во Велика Британија откриваат дека во изминативе две децении не се случила таква замена на продажните позиции меѓу патничките автомобили и доставните возила. Според нив, 20-кратното зголемување на онјалн-пазарот на комбиња и фургони укажува на радикалните промени што се случија поради Ковид-19.