Специјалистот за експедициски возила Unicat има нов модел во понудата. Како основа за Individual MD56c се користи MAN TGS 26.540 со погон 6×6 и со голема кабина. Третата оска е управувана и овозможува гигантот долг 8,16 метри и висок 3,66 метри да заврти на малку простор. Моторот со 540 КС работи во комбинација со 12-степен Tip-Matic од ZF. Погонот е на сите тркала, со средишен диференцијал со блокада, разделен преносник со теренска редукција и блокада на предниот и задниот диференцијал.
Двонеделната апстиненција од цивилизацијата меѓу другото ја овозможуваат двата резервоари со вкупно 980 литри дизел, кои се доволни за 3.000 километри. При студено време, нафтата се користи и за греење на кабината.
Дополнителна звучна и топлинска изолација на возачката кабина се грижи за комфорот при возењето, исто како и пневматската амортизација на самата кабина. Седиштата напред се во комфорна изведба и обложени со кожа/алкантара. Има и две дополнителни седишта што се претвораат во лежај.
Сателитската навигација секако дека може да биде од корист, а во сето удопство за возачот се надоврзува и целосен преглед на просторот околу возилото од птичја перспектива – плус камера за рикверц. Осветлувањето е задача на две диодни светла и два широкоаголни рефлектори, исто така диодни, кои се поставени на покривот. Отстрана има уште четири дополнителни рефлектори, плус шест диодни блиц-светла напред и назад.
Надградбата има самоносечка конструкција и се потпира на три лежишта, за да не ги трпи деформациите од шасијата при возење по екстремен терен
Просторот за престој е долг 5,60 метри, широк 2,48 метри и висок 2,11 метри (Внатрешна висина: 1,95 метар). Дополнителната кабина е поставена на сопствена рамка, којашто се потпира на три лежишта, за кабината да не се деформира заедно со шасијата, кога се совладуваат тешки теренски пасажи. Таа е изработена од фиберглас и има самоносечка конструкција, а ѕидовите се дебели 6 сантиметри. Поврзувањето со возачката кабина е изведено со гумен „мев“.
Во продолжетокот на возачката кабина е поставена седечка гарнитура, којашто може да се претвори во лежај од 140 х 200 сантиметри. Масата се спушта со електромотор. Кујната се позразбира, а сосем е очекуван и индукцискиот шпорет. Во средината на простојот за престој се наоѓа тоалет со порцелански елементи и посебен туш. Назад има уште еден двоен кревет широк 1,60 метар.
Со полни резервоари за питка вода и за гориво, Unicat тежи 19,8 тони. Дозволената носивост носивост изнесува 3,2 тони. На посебна носечка платформа назад може да се постават АTV, два мотоцикли или квадрицикл.
Двата резевоари за питка вода собираат вкупно 600 литри и заштитени се од мрзнење. Отпадната вода се собира во танк од 175 литри, додека за одводот од тоалетот служи посебен танк од 110 литри.
Посебност на MD56c е соларниот систем за производство на струја. Секако дека има и преносен генератор од Honda. Според производителот, со сета оваа опрема, може спокојно на две седмици да се замине подалеку од цивилизацијата. Тоа можеби и не е лоша идеја во овие времиња. Но, „мало“ ограничување е цената. Таа е со седум бројки.