Производителот на кабли и кабелски мрежи за автомобили Leoni е една од компаниите што имаат фабрики за изработка на компоненти за автомобили во Украина. Прекинот во работата на двете фабрики во Украина ќе се надомести преку зголемен обем на работа во фабриките на Leoni во други држави.
Германскиот добавувач на компоненти за автомобилската индустрија Leoni затвори две фабрики во Украина. Менаџерите на компанијата водат преговори со клиентите, како и со сопствените добавувачи, за последиците од моменталниот прекин на производството во двете фабрики во Стри и Коломија, предизвикан од рускиот воен напад врз Украина, да се надоместат преку производството во останатите фабрики на Leoni. Во двете украински фабрики што моментно мируваат, редовно се вработени околу 7.000 лица.
Голема работна група е формирана во Leoni и работи деноноќно, следејќи го развојот на настаните. Leoni во моментов ги снабдува своите клиенти со компоненти што се произведуваат во фабриките во Мароко, Тунис, Србија и Романија.

Прекинот во производството во Leoni и во фабриките на повеќе други добавувачи остава последици врз снабдувањето со делови на фабриките за автомобили, особено во погоните во Европа. Во Украина се присутни 22 странски компании, што во 38 фабрики произведуваат делови за автомобилската индустрија. Покрај Leoni, во земјата произведуваат уште неколку компании за изработка на кабли и кабелски мрежи за автомобили.
















