Во борбата против пандемијата на корона, американскиот претседател Доналд Трамп му нареди на General Motors да произведува респиратори. За таа цел е реактивиран закон што првенствено е наменет за време на војна.
Со повикување на закон што првенствено е наменет за примена во услови на војна (Defense Production Act), американскиот претседател Доналд Трамп му нареди на General Motors да произведува респиратори. Според Белата Куќа, автомобилската компанија со тоа е задолжена „да прифаќа и итно да извршува налози“ за производството на респиратори. Надлежното министерство ќе го утврди бројот на апарати што е неопходно да се произведат во услови на епидемија на корона. Големи количини респиратори се неопходни во болниците, заради третман на пациентите што се заразени од Ковид-19.
Само неколку часови претходно, Трамп го нападна General Motors преку својот профил на твитер. Автомобилскиот концерн не го исполнил ветувањето дека доволно брзо ќе испорача 40.000 респиратори. Тоа беше своевидна најава дека Трамп ќе се повика на законот што е предвиден за услови на војна и што овозможува Претседателот да има поголемо влијание врз приватното стопанство. Трамп го потпиша законот во почетокот на месецот, но не го примени досега.
Автомобилските компании не можат лесно и брзо да се преориентираат на изработка на респиратори и заштитна опрема
Производството на респитатори е мошне комплексно за компаниите на коишто тоа им е туѓа бранша. Компаниите како General Motors вложуваат големи напори во изнаоѓањето решение за помош против кризата со вирусот корона. GM во петокот соопшти дека наскоро ќе започне со производство на респиратори за Ventec Life Systems и истите ќе стартуваат со испорака во следниот месец. Автомобилскиот гигант ќе започне и со производство на хируршки заштитни маски.
Американскиот претседател предизвика бран критики поради неговото управување со кризата и негирачките ставови околу пандемијата на корона. За каналот Fox News, тој коментираше „не верувам дека се потребни 40.000 или 30.000 респиратори“, околу забелешките за недоволното покривање на потребите од соодветна опрема.
Trump uses Defense Production Act to compel General Motors to make ventilators to treat coronavirus https://t.co/XshKEn1jEb
— John Solomon (@jsolomonReports) March 28, 2020