за

Нема повеќе виц во овој Toyota Yaris

Toyota Yaris
Toyota Yaris

Светот не помни дека некогаш се правеле вицови околу овој автомобил, а тој самиот е „виц“. Тоа што кај нас е пристојно одомаќено како Toyota Yaris, Јапонците го возеа како Vitz. Отсега, тој ќе биде Yaris и на домашниот пазар за марката. Тоа секако дека не е целата приказна околу овој автомобил.

Toyota Yaris е следиот важен модел во сегментот на градските автомобили што го продолжува кругот на обновата. По неодамнешниот старт на Clio, Corsa, 208, во следното лето во европските салони на Toyota ќе се појави новата генерација на Yaris. Јапонците изиграа тактички и го претставија Yaris уште рано пред да започнат испораките, со цел да го искористат вниманието што сцената го посвети на пристигањето на новите конкурентски модели на Renault, Opel и Peugeot, и да им порачаат на можните клиенти: Почекајте уште малку, нашиот модел стартува наскоро. Тоа „наскоро“, за јапонскиот пазар е веќе на 10-ти февруари.

Развојот на новиот Yaris се раководеше со идеја да се направи спој на лесната подвижност на автомобилите од класата, со добар комфор и со напредна безбедносна и сигурносна техника, што ќе ги надмине очекувањата на клиентите. Како секој нов модел на Toyota, платформата за возилото е TNGA. Различно од конкурентските концерни, тука под платформа не се подразбира систем од заеднички компоненти што се користат и за мало и за големо, туку развојни начела и конструкторски пристапи, преку коишто се постигнува лесна конструкција, цврста каросерија и ниско тежиште. Заеднично за сите „TNGA-модели“ е поголемото уживање во возењето.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Наспроти варијантата GA-C на оваа платформа во Corolla, C-HR & Co, тука функционира варијантата GA-B. Вообичаено за марката, голем нагласок се става на хибридниот погон. Мотор од 1,5 литар работи и во новата хибридна варијанта, но е различен и има три цилиндри. Тоа е актуелен „инженерски стандард“ во браншата. Зафатнина на цилиндар од 500 сантиметри кубни важи како оптимум меѓу моќноста и потрошувачката. Оттаму е логично да се претпостави дека новиот M15A-FXE во основата е произлезен од новиот дволитарец, со таа разлика што е „скусен“ еден цилиндар. Тоа е практика и во BMW и Mercedes, и од инженерски аспект нема ништо лошо во тоа.

Новата хибридна изведба на Toyota Yaris според фабрика ќе троши просечно 2,8 литри

Уште помалку „лошо“ има во потрошувачката на гориво, според новиот и реален циклус. Фабриката тврди дека хибридната верзија на Yaris троши во просек 2,8 литри на сто километри. Има и друг новитет што најмногу ќе ги израдува Швајцарците, како светски шампиони во возењето со погон на сите тркала. По пример на Lexus UX, NX или Toyota RAV4, сега и Yaris е достапен со погон E-Four, со електромотор и за задната оска.

Вториот избор на погон е истиот мотор од хибридната верзија, со можност за доплата за безстепен менувач, а потоа и за погон на сите тркала. Понудата од погонски единици ја заокружува познатиот еднолитарски бензинец, кој е усовршен и во Јапонија се нуди само во комбинација со безстепен менувач.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Toyota првпат го вградува новиот систем за автоматско паркирање токму во Yaris, кој покрај сите сценарија на „паркирање на копче“, поседува и безбедносна функција и запира самостојно, на пример ако минува човек зад возилото. Има нови функции и во пакетот Toyota Safety Sense, кој сега запира самостојно ако наидува возило од попреку при скршнување на крстосница, а реагира исто и кога при скршнување има пешак кој минува улица, но не се гледа од столбовите.

Како подрачје што често е изложено на природни непогоди, во Yaris за јапонскиот пазар се вградува и приклучок за струја, за возилото да служи како генератор за струја во случај на прекин на мрежата

Практична ставка во опремата може да биде и приклучокот за струја со моќност до 1,5 киловат, на кој може да се приклучат и уреди од домот, но првенствено е замислен за возилото да служи како генератор, во случај на природна катастрофа, и од него да се црпи струја преку овој приклучок.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Очекуваната месечна продажба на јапонскиот пазар е 7.800 примероци, а производството е во фабриката во Ивате. Основниот модел со ниво на опрема X и мотор 1.0, заедно со стандардниот безстепен менувач, на јапонскиот пазар чини 1.455.000 јени, односно околу 12.000 евра. Моделот со 1,5-литарец, со истото ниво на опрема и со 6-степен мануелен менувач чини околу 12.700 евра, односно 13.200 евра во верзија со безстепен менувач. Уште една опција е погон на сите тркала, што во претходната конфигурација би чинело околу 15.100 евра.

Цените и нивоата на опрема, како и точниот почеток на продажбата за нашиот пазар ќе бидат објавени во следното лето

Хибридниот модел со погон напред стартува од 16.500 евра со ниво X, односно чини околу 18.500 евра во комбинација со погон на сите тркала. Сите погонски конфигурации се достапни во три нивоа на опрема, соодветно означени X, G и Z. Сите овие цени, комбинации и имиња на нивоа на опрема важат за јапонскиот пазар. Кај нас моделот се очекува пред завршетокот на третиот квартал од следната година.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Оваа Toyota Yaris порачува „Grrrrrrrrr“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia K5, Optima 2020

Kia Optima порачува: Одиме уште еден круг, сé од ново

e.go life електричен автомобил

Стартап-компанијата e.go Mobile го произведе 500-от електричен автомобил