Единствен автомобил што во првиот месец од ’21 се продавал подобро од Toyota Yaris на италијанскиот пазар е Fiat Panda. Јапонскиот градски модел е пред Citroen C3, Opel Corsa, Peugeot 208. Renault Clio, Volkswagen Polo. Растот во споредба со преклани изнесува 101 процент.
Toyota има уште еден хит модел, по C-HR, Corolla, RAV4, Camry, сите базирани врз новиот конструкциски пристап TNGA на Јапонците. Новата генерација на Toyota Yaris бил втор најпродаван модел во минатиот месец, на пазарот што во класата на градските автомобили своевремено ги признаваше единствено домашните, италијански модели.
Италијанскиот автомобилски пазар ја стартуваше новата година со пад од 14,1 проценти во споредба со јануари лани, односно со 134.772 продадени возила. Соодносот меѓу одделните видови на погонско гориво се смени значително. Продажбата на бензинците опаднала за 33,3 проценти (уделот на целиот пазар е 36%), дизелите исто така се во минус 31,1 проценти (удел 26,9%), има пад и кај автогасот, со 15 проценти во минус (удел 6,1%).
Единствено расте продажбата на чистите хибриди, кои напредувале за дури 127,6%, на 32.800 возила и удел од 24,3 проценти. Уште поголем е растот кај приклучните хибриди, со +179,6% и удел од 2,8% на пазарот. Батериските електрични возила напредувале помалку, со +28,2% во продажбата и удел од 1,9 проценти од целиот италијански пазар.
Во конкуренција на марки, Fiat во јануари изгубил 21,9% од пазарот што го имал во истиот месец лани, а има пад и кај Volkswagen, со -25,6 проценти. Peugeot е трет (-6.8%), пред Ford (-1.9%) кој годинава напредувал на четвртото место. Петта е Toyota (+19%), единствена со двоцифрен раст во Топ 10 и со најголем раст вооошто во Топ 15.
Одлично се држи и Suzuki, кој напредувал за дури 21,3 проценти и со 3.459 возила е на 16-то место, пред Kia, Skoda, Seat. Раст во продажбата има уште кај Lexus (+23.7%), Mercedes (+12.9%), Volvo (+6.1%), Skoda (+5.2%), Audi (+3.6%), Maserati (+2.9%) и Subaru (+1.4%).
Fiat Panda патриотски се држи на првото место, иако има пад од 15,9 проценти во продажбата, но затоа вистинскиот херој се појавува на второто место, со раст од дури +101,4 проценти – Toyota Yaris беше на второто место и во декември лани. Повторно се издвојува и Suzuki, чијшто Swift привлекол за 57,5% повеќе италијански возачки и возачи во јануари, отколку во истиот месец лани.