за

Редовното одржување на автомобилот е најважно: Неколку совети од Toyota

Toyota веројатно не е марка на којашто треба да ѝ се верува најмногу на тема сервисирање, затоа што како издржлива марка има помалку искуство со тоа. Шегата настрана, автомобилот треба да се сервисира редовно.

Автомобил со поголема километража може да биде во подобра состојба, од автомобил со помала километража. Тоа е целата суштина на доброто одржување на возилото. Кога се избира користен автомобил, не се гледа единствено километражата, туку се гледа состојбата на автомобилот. Експертите на Toyota објаснуваат зошто треба да се внимава автомобилот да се сервисира навреме, но и да се реагира кога ќе се насети неисправност.

Вложувањето пари и време во одржувањето на автомобилот е влог во неговата иднина. Тоа не е новостекната мудрост на возачките и возачите ширум светот, туку е правило што важи и надвор од светот на автомобилите. Многумина возачи сепак ја потценуваат важноста, автомобилот да се сервисира во пропишаниот интервал и на пропишаниот начин. Идејата да се скусат трошоците за редовното сервисирање обично му наштетува на автомобилот.

Не чекајте го крајниот рок за редовното сервисирање на автомобилот

По извршеното редовно сервисирање, белешката во просторот за мотор или налепница на вратата или на ветробранот, потсетуваат кога треба да се изврши следното сервисирање. Малкумина знаат дека датумот и километражата што се наведени на сервисното ливче се апсолутно крајниот датум и крајната километража до коишто возачката или возачот треба автомобилот да го однесат на редовно сервисирање.

Во најдобар случај, возилото треба да се однесе на сервис пред тој датум и пред наведената километража. Колку порано ќе се однесе автомобилот, зависи и од условите во коишто се користи автомобилот. Доколку автомобилот во долг временски период бил користен само за возење во град, на куса секојдневна релација, на пример, до работното место и назад, тогаш секако дека не треба да се чека крајниот рок да се посети сервис. Вонредни услови се и често влечење приколка, натоварена до врв, на пример при градење објект или слични зафати. Во прирачникот за возилото обично се наведуваат вонредните услови во коишто автомобилот треба да се сервисира порано.

Не запоставувајте ги малите нешта

Тивко чкрипење што доаѓа од просторот за мотор, мала дамка што се создала под возилото или слабо ладење од клима уредот се само неколку примери за мали појави што возачите може да ги забележат, но не ги загрижуваат дека можеби нешто не е во ред со возилото. Секако дека сите овие случаи укажуваат токму на постоењето на неисправност. Како по правило, ако навреме се реагира на овие знаци, може да се спречат поголеми и поскапи дефекти или непријатности со возилото.

Под редовно одржување секако дека се подразбира и возачот повремено да направи неколку едноставни проверки. Одржувањето на правилниот притисок во гумите, на пример, претставува едноставен зафат, што може да спречи поголем дефект. Во случај да се налета на ударна дупка, шансата за тркалото да се оштети е многу поголема, доколку притисокот е пренизок. Тоа е само еден пример. Покрај тоа, возењето со низок притисок ја зголемува потрошувачката на гориво. Гумата може да изгуби и половина од пропишаниот притисок без тоа да биде видливо однадвор. Затоа проверката е од суштинско значење.

Генерално треба порано да се посети сервисна работилница и да се извршат пропишаните проверки и замени во следните случаи:

  • Возачи на теренско возило што често и на подолга тура возат по терен
  • Возачи со спортски стил на возење
  • Влечење приколка
  • Често возење по планински патишта
  • Често возење на куси растојанија, особено при студ

Уште една причина, зошто правилното и редовно одржување на автомобилот е најважно. При продажба на возилото, можните купувачи ќе забележат ако е штедено или не се внимавало возилото да се одржува правилно. Тоа ќе ја намали цената на продажба, а неретко може да претставува и пречка за автомобилот воопшто да се продаде. Секако дека при продажба е важно и на возилото брзо да му се најде нова сопственичка или сопственик. Друго возило, што е одржувано со љубов и грижа, ќе се продаде побрзо и поскапо, без разлика што можеби има поминато повеќе километри.

Рутински проверки треба да се направат одвреме навреме:

  • Проверка дали работат сите светла на возилото
  • Проверка на притисокот и состојбата на гумите
  • Редовна проверка на моторното масло и на филтрите
  • Проверка на состојбата на половите и на чистотата на акумулаторот
  • Редовна замена на метличките на бришачите
  • Одржување на нивото на течностите во возилото
  • Редовно миење на возилото и конзервација на лакот
  • Наслушнување необични звуци од сопирачките

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Tesla произведува во шест фабрики ширум светот

На шпанскиот тенор Запата ќе му биде тивко, но забавно во хибридна Kia Sportage