за

Тојота РАВ4 со хибрид на штекер: Прво 70 км на струја, потоа со пет литри до Кожуф

Тојота РАВ4 и досега беше одличен автомобил, секако со штедлив и чист хибрид. На тест дојде врвната изведба со приклучен хибрид, што минува солидно растојание чисто на струја.

На потрошувачката на Тојота РАВ4 од пет до шест литри во секојдневието, без разлика дали се вози во град, или се патува далеку, веројатно еден од илјада возачи би кажал дека потрошувачката можело да биде и пониска. Оваа изведба на Тојота РАВ4 со приклучен хибриден погон, сигурно ќе им биде погодена: Повеќе од 70 километри чисто на струја и 1,1 литар гориво за да се поминат вкупно 100 километри. Тест-возење и снимки од божествената планина Кожуф, во видео од преку час и половина.

Кога човек ќе добие на тест-возење Тојота РАВ4 со одвај дваесетина поминати километри, па уште ќе се погоди и голем македонски празник, Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, 24-ти мај, поради кои и Аутомедиа денес објавува на кирилица, мора да се сработи нешто посебно.

Оваа Тојота, со мирис на ново од фабрика, поради што се чини грев ако вратите се отвораат подолго од два секунди, имаше и дополнителна причина да ѝ се посвети дополнително внимание. Тоа е РАВ4 со приклучен хибриден погон, значи плагин-хибрид, хибрид што не е самополнечки, туку има приклучок за батеријата да се полни надворешно. Може да се користи, меѓу другото, обичен 220-волтен приклучок, на каков што се приклучуваат телевизор или замрзнувач. Тоа е можност што ја поседува секој електричен автомобил, меѓутоа Тојота како да мора и во тоа да биде во предност, па полни побрзо и во тој случај.

Разликата меѓу Тојота РАВ4 со самополнечки хибрид, каква што е продадена и се вози во илјадници примероци во Македонија досега, и оваа РАВ4 со приклучен хибриден погон, се сведува главно на големината на батеријата и на приклучокот за батеријата да се полни надворешно. Но, тоа е само дел од приказната.

За хибридниот погон да биде штедлив – и моќен – секако дека и моторот мора да биде штедлив и можен

Самиот мотор располага со уште неколку дополнителни технологии. Моторот е истиот, 2,5-литарски, но со два системи за впрскување. Едниот е систем за директно впрскување, со инјектори што впрскуваат гориво непосредно во комората за согорување, а вториот систем го впрскува горивото во вшмукувачката гранка, значи пред вентилите. Намерата на инженерите беше да се искористат предностите на двата системи. За основна претстава, при ниски и средни вртежи, заедно работат двата системи. Прво се впрскува малку гориво непосредно во комората за согорување, и додека клиповите се движат надолу, се вклучуваат прскалките во гранката, додавајќи уште малку гориво, за да се постигне правилна смеша за согорување и рамномерна распределба на смешата во целата комора. При повисоки вртежи, работи само директното впрскување. Генерално, двата системи прават моторот во еден момент да биде штедлив, а во друг момент, кога тоа ќе го побара возачот, моторот да биде многу моќен.

Четирицилиндарецот со долги одови на клиповите е на технолошки врвно ниво. Работата на вентилите исто така е препуштена на два различни системи. Во вшмукувачкиот тракт работи ВВТ-иE, со променливо време и времетраење на отворањето на вентилите, додека во издувниот тракт работи ВВТ-и, со променливо време.

Тојота го создаде овој мотор како темел за тркачка погонска спрега. РАВ4 со приклучен хибриден погон располага со системски 306 КС. Таа моќност ја постигнува моторот со 185 КС (178 кај класичниот хибрид), предниот електромотор со 134 кВ (182 КС) и задниот електромотор со 40 кВ (54 КС). Тоа што системските 306 КС отстапуваат од вредноста од 421 КС, што се добива ако се соберат одделно вредностите на сите три погонски единици, се должи на фактот што електромоторите и моторот не ја постигнуваат максималната моќност во исто време.

Шест секунди спринт до темпо сто

Но, и тие 306 КС се сосем пристојни. Спринтот до темпо сто трае 6 секунди. Разликата со РАВ4 со погон на сите тркала и класичен хибрид изнесува 2,1 секунди. Еланот со којшто поаѓа оваа Тојота не остава простор за сомнеж околу веродостојноста на шесте секунди до темпо сто.

Батеријата располага со капацитет од 18,1 кВч, наспроти 1,6 кВч кај самополнечкиот хибрид. Постои разлика и во хемијата. Додека ПХЕВ користи литиум јон хемија, класичната доаѓа со вообичаената никел-металхидрид батерија, каква што користат сите класични хибриди на Тојота (и Лексус) досега.

Тежината останува во разумни вредности. Со 1.910 килограми – вклучувајќи возач од 75 килограми и полн резервоар, според норма – плагин-хибридната РАВ4 е за само 115 килограми потешка од моделот со класичен хибрид.

Сета оваа техника чини, меѓутоа веќе одамна е јасно дека луѓето често се решаваат за хибридот чисто поради чувството во возење – и желбата човек да се награди со нешто повеќе и нешто различно. Така одамна функционираат нештата. Со високо ниво на опрема Стајл, што е единственото достапно за плагинот, РАВ4 чини 60.990 евра. Тоа е 9.500 евра повеќе од изведбата со самополнечки хибрид, со ниво Стајл.

Оваа Тојота со приклучен хибриден погон е многу повредна од субвенциите што би се добиле; одушевува многустраноста на РАВ4, еднаш е елегантен и отмен превоз, другпат е теренец, третпат тркачки болид

Дали таа разлика вреди? Возачка или возач во ЕУ што би ја избрале изведбата со приклучен хибриден погон само колку да добијат субвенција во некоја од ЕУ-државите, и немаат намера да ја приклучуваат РАВ4 да се полни, ќе го пропуштат уживањето што го нуди овој погон. На други возачки и возачи, на коишто им се допаѓа можноста да возат на струја во секоја пригода и секој ден, и да бидат спокојни кога ќе треба да се отпатува подалеку, РАВ4 плагин-хибрид ќе им биде привлечна и оправдана и без субвенциите. Кај нас, патем, не постојат субвенции што ќе ја намалат цената на возилото, туку единствено државата зема половина од акцизата што инаку би се пресметала за моделов. Значи, не поевтинување, туку само помала давачка што и без тоа не треба да постои. Грубо пресметано, поштедата од акциза изнесува околу 2.000 евра.

Доколку се користи полнач, времето се скусува на 4,5 часови; Кабелот за 220В чини исто колку полнач, Тојота остава човек сам да избере што му одговара повеќе

Најпријатното изненадување следеше утрото кога требаше да се појде на пат за Кожуф. Приклучена во гаража, да полни преку ноќ на обичен приклучок за 220 волти, батеријата утрото навистина беше целосно наполнета. Тоа се околу осум часови. Многу нешта менува таа брзина на полнење. Меѓу другото, човек е сосем независен од мрежата од полначи, ако има пристап до „штекер“ во гаража, пред домот, пред зграда. Брзината се должи на вградениот полнач од 6,6 кВ во РАВ. Оттаму доаѓа талентот.

А, откако човек ќе доживее едно изненадување, следи уште поголемо изненадување, откако ќе се покаже дека Тојота е мошне искрена со 75-те километри што твди дека се досег при возење на струја. Од поаѓање од „фонтана“ во скопски Градски Парк, Тојота возеше чисто на струја – без моторот да се вклучи – уште најмалку пет километри по Градско.

Во Неготино, откако РАВ4 продолжи со хибриден погон, се покажа една крајно несекојдневна вредност на просечната потрошувачка: 1,1 литар на сто километри. Вредноста се добива откако ќе се поминат 75 км на струја, за преостанатите 25 километри да минат со комбиниран погон бензин-струја.

По близу двесте поминати километри, веќе кај акумулацијата Конско, просекот покажа вредност 2,7 литри. Реално, доколку не се користи полнач, РАВ4 со приклучен хибриден погон ќе троши во просек околу 4,5 литри. Тоа е за еден литар помалку во споредба со самополнечката РАВ4. Предноста во дел се должи на батериската техника, во дел на уште поефикасниот мотор, во дел на поголемата батерија.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

На спуштање од Кожуф, хибридот наполни во батеријата енергија за уште петнаесетина километри – чисто од тоа што електромоторите надолу дејствуваат како генератори и залетот, односно инерцијата, ги претвораат во елеткрична енергија, што се акумулира во батеријата. „Несакајќи“ на враќање за Скопје, пак беше извозена една солидна делница чисто на струја.

Главната хероина во првиот дел од ова возење на Тојота РАВ4 со приклучен хибриден погон, секако е планината Кожуф. Во видеото од еден и пол час што е носечко во воведната содржина за тестот, начнат е само дел од таа божествена убавина.

Наскоро следи и вториот дел од тестот, посветен само на РАВ4 плагин хибрид.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Салонот во Женева е откажан за 2025, иднината неизвесна

Голем повод и бројни активности за Опел да одбележи 125 години производство