за

Салонот во Женева е откажан за 2025, иднината неизвесна

Поради смалениот интерес на производителите и посетителите, нема планови салонот во Женева да се одржува во иднина.

Салонот на автомобили во Женева нема да се одржи во 2025 и нема планови за настанот да се одржува во следните години, поради ослабнатиот интерес од производителите на автомобили и од посетителите.

Организацискиот комитет на салонот наведува дека „неизвесноста што е поврзана со автомобилската индустрија и еродираната привлечност на главните европски салони“ довела до одлуката да се откаже настанот.

Салонот постои од 1905 година и во најдобрите времиња собираше најмалку 120 изложувачи. Годинава повторно се одржа салонот, по четири години пауза поради пандемијата.

Главните производители од Европа, САД и Азија го прескокнаа настанот, меѓу нив се концерните Фолксваген и Стелантис, Мерцедес-Бенц, Тојота, Киа и Форд.

Групацијата Рено со својата матична марка и со буџет марката Дачиа беше единствен европски производител што учествуваше на салонот. Тоа им овозможи на кинеските производители на автомобили, меѓу кои БИД и САИЦ (МГ), да добијат главна улога под рефлекторите, во време кога тие се во освојување на европскиот пазар.

Во изминатите години, салонот привлекуваше и по преку 500.000 посетители, гледан како независна почва за европските производители, покрај останатите големи салони во Франција и Германија.

Годинава на салонот присуствуваа само 168.000 посетители, од 26-ти февруари до 3-ти март. Организаторите и локалните власти очекуваа најмалку 200.000 посетители.

Организацискиот комитет соопшти дека ќе продолжи со одржување на салонот во Катар во ноември 2025 година. Управата бара да привлече нова публика надвор од Европа. Настанот се одржа првпат во 2023 година, под насловот: Женева Меѓународен Салон на автомобили Катар.

„Утеха е тоа што салоните на автомобили продолжуваат да ги привлекуваат марките во разни делови ширум светот, и тоа што Женева Меѓународен Салон на автомобили го зајакна својот имиџ на Средниот Исток,“ изјави извршниот директор на женевскиот салон Сандро Месквита.

Швајцарскиот настан е сосем извесно дека повеќе нема да се одржи, напоменуваат од организацискиот комитет.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Рено ќе го развива новото електрично Твинго со кинески партнер

Тојота РАВ4 со хибрид на штекер: Прво 70 км на струја, потоа со пет литри до Кожуф